Пратеникот Благоја Деспотоски ќе учествува на парламентарен семинар во Париз

Пратеникот Благоја Деспотоски, во својство на претседавач со Комисијата за труд и социјална политика, на 10 ноември во Париз, Франција ќе учествува на Парламентарен семинар насловен „Обезбедување на сигурни и здрави работни услови“. Семинарот е во организација на Службата на Европската социјална повелба и Одделот за поддршка на Парламентарното собрание на Советот на Европа. 

– Семинарот ќе ги разгледува – од парламентарна перспектива – заклучоците од Европскиот комитет за социјални права во однос на усогласноста на националното законодавство и пракса со член 3 за правото на безбедни и здрави услови за работа на Европската социјална повелба, стои во соопштението од Собрание.

Учесниците ќе ги споделат своите искуства во врска со предизвиците кои се однесуваат на безбедноста во национален контекст и ќе дискутираат за проблемите, можните решенија и примери на добра практика во оваа област.

На семинарот ќе се дискутира за начините за решавање на прашањата покренати во заклучоците на Европскиот комитет за социјални права и отстранување на пречките во национален контекст за да се прифатат одредбите од член 3.

Целта на семинарот е да се зајакне капацитетот на парламентарците за целосна имплементација на  Повелбата и нејзиниот потенцијал, како и зголемување на нејзиното влијание во нивните земји.