Пратеникот Николоски се сретна претседателката на ПССЕ, Брасер

Во текот на редовната пролетна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), шефот на Македонската делегација, Александар Николоски оствари средба со претстедателката на Парламентарното собрание Ан Брасер.

На заедничката средба, која како што јавува дописникот на МИА била на барање на Брасер, била констатирана високата посветеност и активното учество на македонската собраниска делегација во ПССЕ.

На средбата пратеникот Николоски подетално ја запознал претседателката Брасер со актуелната состојба во Република Македонија, за неучеството на пратениците од СДСМ во работата на Собранието, како и за објавувањето на нелегално стекнати прислушувани материјали за највисоки државни преставници.

Притоа, како што се вели во соопштението издадено од македонската делегација по средбата, заеднички беше констатирано дека местото на секој избран пратеник е во Собранието, дека без разлика дали пратениците се од владејачките или опозициските партии имаат еднаква одговорност за демократските процеси во државата, и дека е недозволиво јавно објавување на приватни разговори, како и прислушување зашто тоа е прекршување на основните човекови слободи и права.

Претседателката Брасер информираше дека следната недела Делегација на Парламентарното собрание, во состав Штефан Шенах, претседател на Мониторинг комисијата, Роберт Валтер, известител за Република Македонија и Андреас Грос, претседател на Групата на социјалистите ќе ја посетат Република Македонија со цел да се сретнат со политичките преставници и да ја утврдат фактичката состојба во функција на подобра подготовка на Извештајот за пост-мониторинг дијалогот на Парламентарното собрание со Република Македонија, како и да укажат на пратениците дека нивното место е во Собранието.

На средбата Николоски и упати покана на претседателката Брасер да ја посети Република Македонија, нагласувајќи дека досега сите претходни претседатели на Парламентарното собрание во текот на нивниот мандат ја посетиле нашата држава. Таа изразила благодарност и со задоволство ја прифатила поканата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.