Македонија

Правата на детето се основа на слободата, правдата и мирот во светот

Правата на детето се основа на слободата, правдата и мирот во светот

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска, по повод 20 Ноември, Меѓународниот ден на детето, упати порака во која истакнува дека правата на детето претставуваат основа на слободата, правдата и мирот во светот.

– Пред 25 години светот ја усвои Конвенцијата за правата на детето. Со оваа Конвенција човештвото првпат во историјата јасно и недвосмислено ги дефинираше неотуѓивите права на најмладите граѓани на државите во светот. Правото на живот и здравје, опстанок и развој, заштита, образование и еднакви можности, независно од полот, јазикот, етничката, верската, социјалната или која било друга припадност. Конвенцијата утврди дека детето, како и возрасните, има неотуѓиво право на човечко достоинство, на слобода на мислење, совест и вероисповед, но и право на зачувување на сопствениот идентитет.

Правата на детето претставуваат основа на слободата, правдата и мирот во светот. Од почитувањето на нивните права зависи иднината на секоја држава. За кого инаку градиме патишта ако не за нашите деца? За кого градиме училишта и спортски сали? Дали можеме да имаме економски раст ако дозволиме да се занемари најважното во нас, а тоа е грижата за нашето потомство?

Кога пред 35 години Мајка Тереза ја доби Нобеловата награда за мир, ја прашале што може да се направи за да се унапреди светскиот мир. Таа рекла „оди дома и сакај го твоето семејство.“ Мајката на 20 век, родена во Скопје, во Македонија, беше свесна за основната, света должност на родителот кон детето.

Состојбата со правата на децата е нераскинливо поврзано со условите за живот на нивните семејства, кои се столб на секое општество. Како лулка и светилник на вистинските вредности, во која непрестајно зрачи сигурност, светлина и топлина на животот, семејството мора да се негува, поттикнува и зајакнува. Семејството е засолниште од животните бури и заштитник од не ретко присутните девијации. Во добро семејство растат и живеат среќни луѓе. Во семејството родителите им даваат на своите деца безусловна љубов и успеваат да ги подготват за сите предизвици што ќе ги имаат во животот.

Во Република Македонија, како и на многу други места низ светот, семејството се наоѓа под удар на повеќе фактори. Од многуте ги издвојуваме социоекономските предизвици, губењето на традиционалните семејни вредности под влијание на модерното темпо на живот, се поголемите обврски кои не дозволуваат доволно заедничко време со децата.

Затоа, семејството треба да има примат при заштита и поддршка на децата. Неопходно е семејството да остане основен стожер на општеството и уште повеќе да ја зајакне својата улога. Мора да продолжиме да се залагаме за негова посебна заштита од страна на институциите. Државата мора да биде и да остане најсилниот сојузник на семејството, на родителите и на нивните деца. Мора да работиме на намалување на социјалните ризици на кои е изложено семејството, а со тоа и децата. Секое семејство треба да биде дел од големото семејство, државата.

Свесна дека ништо не може да го замени семејството, сепак, државата преку институциите се наоѓа и во улога на семејство на децата без родителска нега. Посветена на солидарноста, и свесна за потребата за поголемо интегрирање на децата со пречки во развојот во образовните и рекреативните програми, државата мора да обрне повеќе сметка на можностите, за нивно добро.

Неопходно е да се погрижиме релативно добрите услови за живот, развој, образование на децата во голем број семејства, да важат кај сите. Не смееме да дозволиме кршењето на правата на децата да биде игнорирано или, уште полошо, сфатено како нешто што е нормално и прифатливо. Затоа, да издвоиме повеќе време за поддршка на децата од понесреќните семејства. Важно е да се истакне дека решенијата ги имаме, и се тука, пред нас. Посветена на реформите, Република Македонија со своите постоечки институции, системи за заштита и подобрување на животот на децата, добива солидни резултати. Потребно е нашите позитивни искуства да се пренесат кај семејствата и во заедниците во кои се уште се случува децата да бидат ранлива категорија.

Партнерството меѓу државните институции, УНИЦЕФ, специјализираните невладини организации и медиумите е многу значајно и не снабдува со неопходните информации за состојбата на децата. За поздравување е активизмот за отворање на ова прашање пред политичките институции и застапувањето на правата и потребите на децата. Согласни сме дека на децата им е потребно некој да крене глас во нивно име и да ни помогне како да ги примениме светските искуства и придобивки и кај нас.

Децата учат од возрасните. Она што го примаат, тоа и го рефлектираат. Неопходно e децата во Република Македонија да растат во духот на македонскиот модел на соживот и почитување на различноста. Градењето доверба го градиме и институционално, но и вонинституционално. Преку образованието, спортот, културата, уметноста, со натпревари, концерти, изложби и заеднички проекти. Сето тоа ни е неопходно за да подигнеме здрави генерации кои ќе бидат носители на идниот севкупен развој на општеството во духот на заедништво, соработка и другарување, без разлика на етничкото, религиозното или социјалното потекло. Со тоа градиме култура на почитување на правата на децата и инвестираме во иднината на Република Македонија, се наведува во пораката од претседателот Ѓорѓе Иванов.