Правниците предупредуваат: Жените ќе се претворат во инкубатори

Концептот за озаконување на сурогат мајчинство, очекувано произнесе некои правни дилеми и сугестии кои и требало да се земат предвид при изготвување на предлог законската регулатива, што се очекува да се донесе до крајот на мај. Потоа, јавната дебата за сурогат мајчинството продолжува пред пратениците во Собрание.

Главна забелешка на претходните дебати, беше како да се оневозможи овој концепт да прерасне во бизнис, бидејќи се работи за алтруистичко сурогат мајчинство, водено пред се’ од хуманистички цели.

Правниците денеска изнесоа низа елементи на скептицизам, со кои не се оправдува  озаконувањето на сурогат мајчинството, но од друга страна посочија и оправдувачки мотиви кои одат во корист на правна и репродуктивна слобода и  хуманата димензија.

Професорот од Правен факултет, Дејан Мицковиќ, предупреди на проблемот со фрагментирање на мајчинството, бидејќи според предложениот концепт на Министерството за здравство, како мајка на детето вднаш се заведува жената од брачниот пар што е носител на барањето. Додека во други земји каде што функционира сурогат мајчинството, како мајка се заведува таа што го раѓа детето, што според нив е најисправно, зошто според оваа дефиниција се темели и концептот на цивилизацијата.

„Со овој закон, жената се претвора во инкубатор. По десетина години можеме реално да се соочиме со проблемот на раѓање деца во инкубатори. Сурогат мајчинството е значаен чекор кон овој правец, со што се фрагментира мајчинството. Свеста на човекот се’ уште не соодветствува со развојот на науката и технологијата. Намерата е добра, но во кој правец може да не одведе? Дали имаме доволно разум да сфатиме што значи ова? Комерцијализацијата е неизбежна, иако се работи за алтруистички концепт“, истакна Мицковиќ, кој посочи дека постои голема веројатност да се јават елементи кои властите не и можеле да ги контролираат.

Тој наведе и дека жените во овој случај би можеле да се претворат во предмети со кои се тргува, а би се јавил и проблем со експлоатација, оосбено на жените од најниските социјални слоеви кои би се согласиле на сурогат мајчинство, како  на егзистенција.

 

Сурогат мајчинство наспроти посвојување на деца

 

surogat1

 Концептот на сурогат мајчинство би можел да предизвика извесно нарушување во системот за посвојување деца, предупреди професорот, Дејан Мицковиќ, кој праша што ќе се случи со децата без родителска грижа, бидејќи за секој родител е поатрактивно да дбијат дете со свој генетски материјал.

„Треба да се види и ставот на религијата. Познато е дека верските заедници имаат негативен став околу ова прашање“, истакна Мицковиќ.

Министерот за здравство, Никола Тодоров се согласи дека е тешко да се регулира комерцијализацијата и да и’ се забрани на сурогат мајката да доива „пари под рака“.

Ангел Ристов, професор од Правниот факултет даде забелешки во однос на содржината на договорот, но и можноста од негово раскинување доколку сурогат мајката не се придржува кон договореното. Тој посочи дека на мајката сурогат треба да и’ се предочат можните здравствени ризици од бременоста, пред да го потпише договорот.

surogat

Според предложениот концепт за сурогат-мајчинството, само државјанка на Македонија да може да биде „инкубатор“ на ембрион од донатори, без никакво родителско право по раѓањето на детето.

Сурогат мајка да може да биде жена која е психофичички здрава и е постара од 21 година. Таа треба да помине психолошко и правно советување пред да се одлучи на таков чекор. Советувањето би го правеле комисии составени од лица кои имаат поминато психолошки тест и тест за интергритет, а треба да имаат и 10 годишно работно искуство.

Се предвидува забрана за рекламирање и за регрутирање сурогат мајки, а посочени се и затворски казни и до 10 години за оние кои нема да ги почитуваат одредбите од законот.

Подносител за сурогат мајчинство може да бидат само маж и жена кои се во брак и се државјани на земјава. И тие треба да поминат период на психолошко и правно советување.

Како мајка на детето се запишува жената која има поднесено барање за сурогат-мајчинство. Во случај на смрт на двајцата подносители на барањето, сурогат-мајката ќе има право да се запише како мајка. Една жена ќе може да биде сурогат мајка само еднаш.

Се предвидува да се земе јајце-клетка од жената и од мажот кои што го поднесуваат барањето за сурогат мајчинство, а сурогат мајката ќе го носи само генетскиот материјал.

Сурогат мајчинството е забрането во Германија, во Франција, а воведено е во Англија, во САД, во Холандија, Белгија, Русија, Канада…

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.