ТОП,Македонија

Православните христијани го слават Христовото раѓање – честит Бадник

Православните христијани го слават Христовото раѓање – честит Бадник

Православните христијански верници во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божик.

Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде на годинашниот кум Илија Малинковски-Ики ќе му биде врачен преодниот бадникарски ќуп.

Манифестацијата ќе почне со бадниковата химна што ќе ја исполни Силви бенд и со кревање на бадниковото знаме.

Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.

Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан во 11 часот со пригодна беседа ќе им се обрати на скопјани и на сите добронамерници и ќе му го предаде ќупот на новиот кум-бадникар.

Здравицата годинава ќе ја каже здравичарот Драган Мијалковски, а на граѓаните ќе им се обрати и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.

Средбата завршува со чинот на примопредавање на ќупот и кршењето на погачата со златна паричка, што се смета дека ќе му донесе среќа во текот на годината на тој што ќе ја добие. Со пајтонот, симболот на старо Скопје, новиот кум бадникар заедно со ќупот и семејството ќе замине од пред платото на Соборниот храм.