„Пред дождот“ меѓу 500. најреволуционерни филмови во историјата

Швајцарскиот Филмски центар Филмподиум од Цирих го вброи македонскиот филм Пред дождот на Милчо Манчевски во 500 најреволуционерни филмови во историјата на кинематографијата. Пред дождот е рамо до рамо со сите најзначајни филмски остварувања, од Граѓанинот Кејн на Орсон Велс до Рашомон на Акира Куросава, од Фелини и Бергман до Хичкок и Кјубрик.
Пред дождот е прикажан овој месец, а серијата во Цирих насловена „Првиот век филм“ ќе трае дури 10 години.
Во воведот на Филмподиум се вели за Манчевски: „Манчевски стручно си игра со текот на времето; само во можноста на паралелизам или дупки тој гледа излез од спиралата на насилството.“
Њујорк Тајмс го вброи Пред дождот во 1.000 најдобри филмови на сите времиња. За филмот на Манчевски во Фиренца се одржа академска конференција, а тој се предава на бројни универзитети ширум светот, дури е влезен и во наставната програма во Италија. Има освоено над 30 високи награди, меѓу кои Златен лав во Венеција, номинација за Оскар во Холивуд, награда на УНИЦЕФ, на ФИПРЕСЦИ, Златен кондор во Аргентина, награди во Шведска, Бразил, Русија, Турција, Белгија, итн.
Сево ова го прави овој филм најуспешно дело било кога создадено во Македонија.