„Пред дождот“ на литературен фестивал во Тајпеј

Македонско-британско-француската копродукција на режисерот Милчо Манчевски, филмот “Пред дождот” минатата недела беше прикажан на Литературниот филмски фестивал во Тајпеј, Тајван.
Оваа година покрај редовната филмска програма во која беше прикажан “Пред дождот”, фестивалот имаше и специјална филмска програма посветена на филмови снимени по делата на чешкиот писател Бохумил Храбал.

Исто така, на фестивалот со предавање учествуваше и
најпознатиот тајвански режисер Цаи Минг-лианг, чиј филм “Да живее љубовта ” во 1994 година рамноправно ја подели наградата “Златен лав” во Венеција, со “Пред дождот”.
Најтрофејниот македонски филм, „Пред дождот“ е вброен во 1.000 најдобри филмови во историјата од страна на Њујорк тајмс и освои над 30 меѓународни награди, меѓу кои и Златниот лав, Номинација за Оскар, ФИПРЕСЦИ, Давид ди Донатело, Сребрен кондор, награда на УНЕСКО, итн. Филмот е прикажан на над 100 фестивали, прикажан во редовна кино и тв-дистрибуција во над 50 земји на сите континенти. Во САД, реномираната „Крајтерион колекција“ го издаде видеото од филмот во едиција со Бергман, Антониони, Тарковски, Бресон, итн. „Пред дождот“ се предава на стотици универзитети, а во Италија е дел од обавезната наставна програма во средните училишта.