„Пред дождот“ повторно во Грција

По 18 години од грчката премиера, филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски повторно ќе биде прикажан во Грција – на 22 октомври како дел од циклус проекции насловен „Филмови од дневници“, организиран од Друштвото за општествени движења и култура „Коино Топиа“.

Две проекции на „Пред дождот“ ќе бидат проследени со дискусии со гледачите кои ќе бидат водени од Панагиотис Каронис, уметник и автор, и авторот Константинос Куриакопулос.

„Пред дождот“ е прв македонски филм што воопшто се прикажувал во кино во Грција. Кинопремиерата беше на 8 март 1996 во Атина.

Годинава кога се навршуваат 20 години од светската премиера на „Пред дождот“, филмот беше прикажан на повеќе фестивали и универзитети, меѓу кои престижниот универзитет Кембриџ, Универзитетот Браун во САД, Музејот на човекови права Меркосур во Бразил. Во почетокот на месецов играше на филмскиот фестивал Let’s Cee во Виена, како најдобар филм од Македонија на програмата „25 – Ретроспектива“ во која беа прикажани најдобрите снимени филмови по падот на Железната завеса од 25-те централноевропски и источноевропски држави.

„Пред дождот“ е прикажан на над 150 меѓународни филмски фестивали низ  светот, и е во комерцијална кино и ТВ-дистрибуција во над 50 земји. Филмот е добитник на 30 меѓународни награди, меѓу кои се Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал.