Пред последното коло на СП само шест репрезентации сигурно одат натаму

Во пресрет на последните натпревари во третото коло од фазата по групи на светско фудбалско првенство во Русија, само шест национални селекции досега имаат обезбедено пласман во осминафиналето.

Втората рунда на мундијалот ја обезбедија домаќинот Русија, Уругвај, Франција, Англија, Белгија и Хрватска. Во последното коло уште десет репрезентации ќе се изборат за осминафиналето по што ќе бидат познати и двојките поради вкрстувањето на првите две селекции од групите.

Критериумот за одредување на пласманот во групите се бодовите, а потоа гол-разликата, а не меѓусебните средби. Третиот критериум е бројот на постигнати голови. Доколку две или повеќе екипи се израмнети според овој критериуми, се гледаат бројот на бодовите освоени во меѓусебните средби, гол-разлигата во меѓусебните средби и бројот на постигнати голови во меѓусебните средби.

Доколку и според овој критериуми не може да се утврди редоследот на табелата, ќе се гледа ткн правило на фер-плеј. Притоа се дава еден негативен поен (-1) за жолт картон, -3 за црвен картон кој е резултат на втор жолт картон, -4 за директен црвен картон и -5 за еден жолт и следен директен црвен картон. А ако селекциите се израмнети и по овој критериум, тогаш ќе се одржи ждрепка.

Група А: Од оваа група натаму одат Русија и Уругвај, кои денеска во Самара ќе решат кој ќе биде прв. Двете екипи имаат по шест бодови, но „Зборнаја“ ќе се задоволи и со бод за првото место поради подобрата гол разлика. Египет и Саудиска Арабија во меѓусебниот дуел ќе се борат за првите бодови на мундијалот.

Група Б: Во оваа група на пласман се надеваат три селекции, Шпанија со 4, Португалија исто така со 4 и Иран со 3 бода, додека Мароко е без бодови. Се смета дека најлесната задача ќе ја има Шпанија која во Калининград ќе се сретне со Мароко, додека Португалија и Иран меѓусебно ќе решаваат кој ќе оди натаму, со топа што на Иранците им е потребна победа против четата водена од Кристијано Роналдо.

Група Ц: Франција со две победи оди натаму, но не го осигури првото место, додека Перу отпадна по двата пораза. Данска има 4 бодови и на чекор до второто место, додека Австралија се надева иако по две кола има бод. Во последното коло Франција игра со Данска и ѝ доволен бод за прво место, додека Данците со бод ќе го потврдат второто место. Австралијците мора да го совладаат Перу и истовремено да навиваат за победа на Французите за да имаат шанса да дојдат до втората позиција.

Група Д: Ова е група, заедно со Групата Ф, во којашто сите четири екипи може да се пласираат во осминафиналето. Хрватска го обезбеди пласманот по двете победи а веројатно и првото место. Во пресрете на третото коло „Коцкестите“ имаат 6 бодови, Нигерија има 3, додека Исланд и Аргентина имаат по бод. Во последното коло во вторник Хрватска ќе се соочи со незгодниот Исланд, а во истиот термин Нигерија ќе игра против Аргентина. Хрватска ќе го потврди првото место и со бод, а може да продолжи и доколку биде поразена. Но притоа услов е Нигерија да не ја совлада Аргентина, бидејќи тогаш би решавала гол-разликата. Хрватите сега имаат 5:0 а Нигеријците 2:2. Исланд и Аргентина имаат шанси само доколку победат, со солидна разлика.

Група Е: Во последното коло на минување се надеваат Бразил и Швајцарија со по 4 и Србија со 3 бода, додека двапати поразената Костарика е веќе елиминирана. Најлесната задача ја има Швајцарија која ќе игра со Костарика а оди натаму и со бод, додека со победа најверојатно ќе бидат први во групата. Во вториот меч Бразил и Србија ќе решаваат за вториот патник во осминафиналето, а на „Селекао“ ѝ е доволен и нерешен резултат за второто место.

Група Ф: Актуелните светски прваци Германија со голот во последните моменти од петминутното судиско продолжение и победата од 2:1 над Шведска останаа во игра иако можеби ниту 6 бодови не ќе им се доволни. Пред последните дуели Мексико има 6, Германија и Шведска по 3, а Јужна Кореја е без бодови, но во една луда теорија и таа може да мине. Во последните соочувања Јужна Кореја ќе игра против Германија и со убедлива победа може бодовно да се израмни, а ќе се пласира доколку истовремено Мексико биде подобар од Шведска.

Група Г: Белгија и Англија се пласираа веќе од оваа група со по две победи, додека Тунис и Панама се без бодови. Во последното коло „Црвените ѓаволи“ и „Гордиот Албион“ во меѓусебниот меч во Калининград ќе решаваат за првото место, а во моментов се целосно израмнети. И двете селекции имаат по 6 бодови и со гол-разлика 8:2. Доколку нивниот дуел заврши без победник, ќе решава „фер-плеј“ критериумот, односно бројот на жолтите и црвените картони. Англија во моментов е во предност бидејќи нејзините играчи досега „заработија“ два а Белгијците три жолти картона.

Група Х: По неделните средби во оваа група три репрезентации се надеваат на пласман во осминафиналето: Јапонија и Сенегал кои ремизираа меѓусебно имаат по 4 бодови, а Колумбија има 3 бода откако ја совлада Полска која е без бодови. Во последното коло Колумбијците мора да го совладаат Сенегал кому му е доволен и бод, а Јапонија игра со Полска и во тој случај ќе ѝ биде доволно реми.