Пред средбата Меркел – Путин германска парламентарка вели дека САД стравуваат од соработката меѓу двете земји

Германската канцеларка Ангела Меркел во сабота ќе му биде домаќин на рускиот претседател Владимир Путин, потврди во понеделникот потпаролот на владата во Берлин, а истовремено челничката на партијата Левица изјави дека САД се загрижени од здружувањето на руските ресурси и германските технологии.

Меркел и Путин ќе се сретнат надвор од Берлин, во владиниот дворец Мезеберг, а ќе разговараат за војната во Сирија, насилствата во источна Украина и енергетските прашања, прецизирал портпаролот.

Двајцата челници, кои до пред четири години беа во многу блиски односи, последен пат имаа билатерална средба во мај годинава во Сочи. Канцеларката Меркел и шефот на дипломатијата Хејко Маас во јуни во Берлин се сретнаа со рускиот министер за надворешни работи Сегеј Лавров, кој тогаш беше придружуван од началникот на Генералштабот, Валериј Герасимов.

Во понеделникот, исто така, челничката на опозициската партија Левица, Сара Вагенкнехт, во интервјуто на весникот Frankfurter Allgemeine, зборуваше за американските притисоци врз Берлин во неговите односи со Русија, во контекстот на договорот на гасоводот Северен тек 2.

„САД ги следат своите сопствени интереси, а со доаѓањето на (претседателот Доналд) Трамп тие прибегнуват кон агресивно дејствување. Нивните интереси се спротивни на европските по важните прашања, не само по економските. Со своите војни за ресурси САД го дестабилизираа Блискиот исток и продолжуваат тоа да го прават во Иран. Ние не сме должни да им се покоруваме на политиките кои им противречат на нашите интереси“, вели Вагенкнехт.

Според германската пратеничка, лошите односи со Русија ѝ штетат на Европската унија, којашто мора, напротив, да развива плодна соработка со Москва.

„САД секогаш стравувале од обединувањето на руските ресурси и германската технологија, и со право“, заклучува Вагенкнехт.

Односите меѓу ЕУ и Русија се влошија по избувнувањето на кризата во Украина, којашто за Москва претставува државен преврат а за Брисел, кој го следеше Вашингтон, е руско мешање и незаконско анектирање на украинска територија. Покрај тоа, ЕУ наметна санкции против Русија, по што следеше ембарго на увозот на голем број прехранбени и земјоделски производи од нејзините членки.