Предавниците од новото време

„Ова ли е мислата со која секое утро се буди опозицијата во Македонија“?

Ете ги повторно периодов, како и секогаш настапуваат оркестрирано, како и секогаш кога ќе лапнат поголема плоча, па ја вртат од прв до последен. Еве го пак се јави Љубчо Георгиевски, за по кој знае кој пат да се обиде да не просветли дека не е ама ич важно дали ќе сме биле северна или горна. Добрата работа е што и Љубчо не е ама ич важен фактор во Македонија, ама лошо е што неговите изјави се важна алатка што против Македонија ја користат Грците и нему најсаканите Бугари.

Во групата ситни риби што и прават крупна штета на Македонија спаѓа и Тито Петковски, со сега веќе легендарниот говор во Собранието што несомнено ќе биде запишан во македонската историја. Говорот одеше вака: „горна, долна, северна… не важно каква, вие изберете“!

А токму од устата на овој истакнат борец и неуморен активист за грчките права во Македонија, излезе и уште една сега веќе историска порака кон сопствениот народ која што гласеше: „да го смениме името, зошто ќе исчезнеме.

Каква иронија е тоа со исчезнување да те плаши некој што истовремено те советува да се си извршиш самоубиство.

А кога ваквите изјави доаѓаат од лидерот на најголемата опозициска партија во Македонија, е тогаш штетата што и’ се нанесува на земјата е непроценлива, затоа што ваквите изјави во темел ги рушат македонските позиции во разговорите. Народот колку сака нека му се смее на Заев и нека му ги нарекува изјавите гафови, ама тоа што лидерот на СДСМ има можеби малку посиромашен и конфузен вокабулар, не ги прави неговите јасни пораки за поддршка на Грција гафови, туку велепредавство. Не ни личи да бидеме патриоти. „Треба да си ја свиткаме кичмата. За нас е прифатливо сложено име со географска одредница“ …ова се само дел од државотворните пораки на лидерот на СДСМ.

За бесрамниот флерт на Шеќеринска, те со Елада, те со меѓународниот фактор, следните генерации ќе учат во училиште, ама не по предметот сексуално образование, туку повторно во рамките на историјата, во поглавјето „Предавниците од новото време“.

Веројатно една од најистакнатите личности од периодот опфатен со ова поглавје е човекот што ќе остане запаметен по неверојатно големиот придонес и несебични залагања за бришење на Македонија и Македонците. Станува збор за последниот претседателски кандидат на СДСМ, Љубомир Фрчковски. Вика требало да преговараме за горна Македонија. Јас мислам треба да преговараме за Фрчковски конечно да престане да малтретира невин народ преку медиумите. Иако секоја здраворазумна персона одамна ќе се повлечеше од јавниот живот, откако од неговиот сопартиец и поранешен шеф на државата, Киро Глигоров, беше посочен како личност која што со куфери грчки кеш и златни часовници се обидувала да издејствува промена на името на Македонија.

Според тоа, неговите тези, анализи и совети за тоа како Македонија да напредува, преговара и просперира сега, секогаш и во вечни векови ќе паѓаат во вода и ќе вредат колку дивоградбата на Велија. Нека не раскажуваат приказни за горна, долна, северна и не знам каква Македонија, па колони, па идентитети, па фусноти. На Грците најмалку им пречи нашето име. Многу повеќе им пречи нашиот идентитет, нашата нација, нашата историја и македонскиот етнос.

Ама СДСМ, зошто се нели многу кооперативни, се и еден чекор пред грчките пријатели, за да ги пофали меѓународна. Кумовиве наши веќе и име избраа, па сега на големо тераат кампања за да ни укажат колку е прекрасно да се прекрстиме. Се’ додека СДСМ и нивните сателити мислат дека не Македонците, туку Грците и меѓународниот фактор им се електорат, ќе бидат таму каде што се веќе подолго време – на самото дно, иако не сум сигурна дека не можат да се најдат и подолу, ако наскоро не си ги тргнат канџите од Македонија.