Предизвикувачот на сообраќајката кај Удово може да помине само со една година затвор

Рајко Радојковиќ (21) од Ниш, кој е осомничен дека ја предизвика тешката сообраќајка кај Удово на 28 јули кога загинаа бебе и неговиот чичко на сослушувањето се бранел дека не можел да избегне судар затоа што на патот му се нашла кеса, пренесува Република.

Осомничениот тврдел дека возел со дозволена брзина и дека за време на претекнувањето наишол на кеса. Во ситуацијата не се снашол и не успеал да го врати автомобилот во својата лента. Радојковиќ рекол дека многу му е жал што настрадало бебето и младиот човек, изјавил за српските медиуми обвинителот Петар Трајков од обвинителството во Кавадарци.

Трајков вели дека Радојковиќ во моментот на несреќата не бил под дејство на алкохол, но се уште не биле готови анализите за тоа дали бил под дејство на наркотици.

„Предметот од вчера е на сообраќајно вештачење. Кога ќе биде готово вештачењето ќе одлучиме дали и за кои дела ќе покренеме истрага против Радојковиќ“, вели обвинителот.

Тој додава дека не се земени изјави од Марија Маринковиќ (30) која ја скршила кичмата во несреќата затоа што не била во состојба да зборува. Тој додал дека Радојковиќ до расчистувањето на истрагата не смее да ја напушта Македонија и дека е должен секоја недела да се јавува во полицијата во Неготино.

„Тој веќе не престојува во хотел, затоа што му е скапо, па изнајми стан. Исто така ангажираше адвокати во Македонија“, вели Трајков.

Ако биде обвинет, на Радојковиќ може да му се суди и во Србија ако тоа го побара соседната земја, наведува обвинителот.

„Во тој случај, по него би бил применет поблаг македонски закон според кој за ова кривично дело е предвидена казна од една до пет години затвор“, истакнува обвинителот.

Повредената Марија Маринковиќ пред некој ден со авион е транспортирана во болница во Швајцарија, каде што ќе го продолжи лекувањето. Со неа отпатува нејзиниот сопруг Драган и синот Матеа (5) кој ја преживеа несреќата, но мина со скршена нога.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.