ТОП

Предлог Буџет 2016: Трипати поголеми инвестиции во капитални проекти

Предлог Буџет 2016: Трипати поголеми инвестиции во капитални проекти

Трипати поголеми инвестиции во патишта, железници, здравство, образование… За три пати повеќе пари за инвестиции во капитални проекти се издвоени во буџетот за 2016 година во споредба со 2006 година.

Во 2016 година за вкупни капитални инвестиции се издвоени рекордни 37,5 милијарди денари, што е за 27,9 милијарди денари повеќе од 2006 година, кога за инвестиции во овој дел биле издвоени 9,6 милијарди денари, покажуваат официјалните податоци на Министерството за финансии.

Според податоците неколкукратно зголемување има на инвестициите во изградба на патна и железничка инфраструктура, болници, училишта, изградба на канализации, водоводи итн.

Во здравството на пример, пред десет години, воопшто не се вложувало во капитални инвестиции, додека во 2016 година за оваа намена за издвоени 1,6 милијарди денари.

За четири пати се зголемени инвестициите во образованието, за што во 2016 година ќе се издвојат 2,5 милијарди денари. За четири пати се зголемени инвестициите и во земјоделството, при што наредната година за оваа намена ќе се инвестираат повеќе од две милијарди денари. Зголемување на инвестициите има и во делот на животна средина. За капитални проекти во животната средина се издвоени 390 милиони денари, што е за 50 проценти повеќе отколку во 2006 година.

Капиталните инвестиции според вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, директно ќе помогне за динамизирање на економската активност во 2016 година.

Капиталните инвестиции за догодина, според Ставрески, се за 2,8 милијарди денари повеќе отколку во 2015 година, што е раст од 12,9 проценти.   Со Предлог-буџетот за 2016 година се очекува реален раст на БДП од 4 проценти, на извозот на стоки и услуги  од 8,1 процент, на бруто инвестициите 7,5 проценти… Стапката на инфлација е проектирана на ниво од 2 процента.

Вкупните расходи, според Предлогот, се проектирани на 195,7 милијарди денари, кои се за 4,7 проценти повисоки од оние во 2015 година, а вкупните приходи се проектирани на 176,8 милијарди денари, каде има зголемување за 6 проценти во однос на 2015 година.

Планираното ниво на дефицитот за 2016 година, како што образложи неодамна Ставрески, ќе се финансира преку комбинација на домашни и странски извори на финансирање.

Со предвидените средства за финансирање на Буџетот, РМ ќе остане во зоната на умерено задолжени земји, односно Буџетот ќе се вклопи во среднорочната фискална стратегија