Предлог буџетот за Специјалното обвинителство пред пратениците

Собраниската Комисија за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија денес треба да расправаат за предлог буџетот за работа на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Согласно Финансискиот план, средствата во износ од 63.420.428 денари се наменети за непречено работење и автономно функционирање на ова Обвинителство за последниот квартал од 2015 година, пренесува МИА.

Според одлуката на Владата, парите треба да се обезбедат со реалокација на средствата во рамки на планираните средства со Буџетот на Република Македонија за 2015. година,

Финансиските средства на Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите се наменети за исплата на плати и надоместоци на јавните обвинители, плати и надоместоци на вработените во јавно обвинителската стручна служба, средства за набавка на стоки и услуги, трошоци за време на постапките, вклучувајќи и средства за советувања и мислења од експерти, средства за професионално унапредување, средства за одржување на просториите и опремата, како и капитални инвестиции на Јавното обвинителство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.