Предлог-резолуцијата за Македонија пред европратениците во Брисел

Пратениците на Европскиот парламент во рамки на Комитетот за надорешни работи (АФЕТ), попладнево по првпат ќе расправаат за предлог-резолуцијата за Република Македонија во однос на последниот прогрес-извештај на Европската комисија. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, новиот известувач за Македонија, Словенецот Иво Вајгл, во неговото прво дело пред АФЕТ се очекува да претстави балансирана предлог-резолуција што ќе содржи поддршка на Европарламентот на шестата последователна препорака на Комисијата за отворање на пристапните преговори за нашата земја за членство во Европската унија.

За разлика од претходниот известувач Ричард Ховит, словенечкиот европратеник Вајгл се очекува во предлог-резолуцијата, што и самиот го најави при последната посета на Скопје, повеќепати и за суштински поводи (народ, јазик, нација, држава) да ја користи придавката македонски. Токму затоа, попладнево се очекува жестока дебата во рамки на Комитетот за надворешни работи на ЕП, каде грчките европратеници и ултра-националистот од партијата на Красимир Каракачанов од Бугарија, Ангел Џамбаски, се очекува да имаат многу замерки и амандмани.

Инаку, по денешното претставување на предлог-резолуцијата за Македонија, како и за останатите шест земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, европратениците во рамки на АФЕТ ќе можат да поднесуваат амандмани по писмен пат до 12:00 часот до 29-ти овој месец. На почетокот на февруари, Комитетот за надворешни работи на Европарламентот се очекува да ги усвои предлог-Резолуциите за Македонија и останатите земји, по што на седница на целиот состав (751 пратеник) на ЕП во Стразбур, европскиот законодавен дом на новиот состав на Европскито парламент се очекува и официјално да ги изгласа Резолуциите во однос на прогрес-извештаите на Еврокомисијата.

Овие резолуции на Европарламентот, кои исто како и извештаите на Комисијата минатите шест години содржеа предлози за почеток на пристапните преговори за членство на Македонија во Унијата, за жал, имаат само сила на политичка порака, но не и на извршно дело и се необврзувачки, како за ЕУ и нејзините земји-членки, така и за земјите на кои се однесуваат Резолуциите.