Предлог-законот за високо образование на комисиска расправа во Собрание

Во Собранието на Република Мкаедонија денеска ќе се одржи седница на Комисијата за образование, наука и спорт, на која во второ читање треба да се разгледува Предлог-законот за високо образование.

Седницата на Комисијата требаше да се одржи вчера, но беше одложена за еден ден во очекување на нови предлози и за евентуално подобрување на предлог-законот за високо образование.

Претседателката на Комисијата Олга Најденовска тогаш изјави дека единствена причина за одложувањето е да се остави време за сугестии во однос на пакетот образовни реформи.

– Како претседател на Комисијата за образование, наука и спорт, заедно со сите членови на Комисијата, сметам и сметаме дека е добро и полезно да оставиме уште време да пристигнуваат мислења, сугестии идеи во врска со предложените дополнувања и измени на закони кои се на дневниот ред на седницата на Комисијата, изјави Најденовска.

На дневниот ред ќе бидат седум предлог-закони во второ читање: за изменување и дополнување на Законот за основното образование, за изменување и дополнување на Законот за средното образование, за изменување и дополнување на Законот за високото образование, Предлог-закон за Академијата за наставници, Предлог-закон за наставници во основните и средните училишта, Предлог-закон за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење и  Предлог-закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.

Осма точка на дневниот ред е Статутарна одлука за изменување и дополнување на Статутот на Универзитетот „Св. Килимент Охридски“- Битола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.