Предлогот на Европската комисија неприфатен од Русија

Европската Комисија предложила план за решение на гасниот конфликт меѓу Русија и Украина со отплатата на долгот до крајот на годината, рекол денеска на конференција за новинарите европскиот комесар за енергетика, Гинтер Етингер, пренесоа медиумите.

Предложивме Украина во текот на два дена да префрли милијарда долари на сметката на Гаспром, а преостанатиот долг да го подели на шест рати и да го плати до крајот на годината, проследено со паралелно плаќање на новите сметки“, рекол тој.

Тоа за Украина би било тешко изводливо, но и прифатливо, додал европскиот комесар, а пренел Итар Тас. При тоа, испораките на рускиот гас не би требало да прекинуваат, а Украина би требало веднаш да ги плати, како што е според постојниот догвор.

Истовремено, како што рекол Етингер, предлогот на ЕК вклучува сезонска цена за гасот од 300 долари или неколку долари повеќе за илјада кубни метри во летниот и 385 долари во зимскиот период.

Според неговите зборови, Украина во текот на преговорите кои траеја до доцна изминатата ноќ се сложила со таква формула на цената, но руските партнери не се сложиле. Преговорите во Киев кои ги воделе Етингер, директорот на Гаспром Алексеј Милер и премиерот на Украина Арсениј Јацењук се завршени ноќва околу 2,30 по московско време, без договор.

Според мислењето на Етингер, проблемите со снабдувањето на Европската Унија со гас може да се создадат доколку Украина до зимата не ги наполни своите подземни складишта со гас. Украина ја известила ЕК дека во моментов во подземните складишта се наоѓаат 12 милијарди кубни метри гас, а за зимската сезона се потребни да бидат 18,5 милијарди кубици.

Етингер исто така укажал дека брзиот прием на Украина во Европската Унија нема да ги реши нејзините економски проблеми. Прашањето на приемот на Украина во ЕУ, какои порано, се наоѓа на преговарачка маса, а се разгледува и оттргнувањето на царинските бариери, но брзо по стекнувањето на членство во ЕУ нема да се реши проблемот со Украина, додал Етингер.