Предлогот на Охридскиот Универзитет прифатлив за МОН

Предлогот на ректорот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ Охрид Нинослав Марина за студентите кои не го положиле првиот дел од државниот испит да имаат право да ги слушаат предметите предвидени во третата студиска година е прифатлив за Министерството за образование и наука.

– За нас првично станува збор за исклучително конструктивен и впечатлив предлог, кој ќе обезбеди извесна флексибилност кај студентите да се намали притисокот кај нив доколку не го положат државниот испит од првпат да може во периодот што следува дополнително да го дополагаат, а истовремено да ги слушаат предметите од третата студиска година, изјави заменик министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Тој очекува уште вакви конструктивни предлози од универзитетите и факултетите.

– Изминатите неколку денови сведоци сме дека пристигнаа неколку конструктивни предлози кои за нас се прифатливи, како што беше предлогот на универзитетот за Југоисточна Европа во делот на можноста за преземање програми од најдобро рангираните универзитети во светот. Потоа дојде предлогот од деканот на ФИНКИ каде беше понудено да се размисли за можноста да се остават околу 30-40 проценти национални особености и ова како дополнителен предлог ни дава за право да констатираме дека ваквиот тип на конструктивна дебата и предлози од страна на универзитети за нас е од големо значење. Можам да кажам дека досега се значајни и прифатливи предлози за МОН, истакна Ристовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.