Предлогот за Буџетот ја мина матичната комисија, Беса го оцени за етнички дискриминаторски

Членовите на законодавната комисија во чијашто работа во продолжението не учествува пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, дадоа зелено светло за предлогот за Буџетот за 2018 година, а од 72 амандамани кои беа поднесени од Движењето Беса, само два беа прифатени, а од над 207 од најголемата пратеничка група беа прифатени шест.

За власта овој Буџет е развоен, а за опозицијата дискриминаторски и неразвоен. Според пратеникот на БЕСА, Фадил Зендели, оваа добра волја искажана со прифаќањето на амандманите нема да донесе поквалитетен живот на Албанците. Рече дека и во овој буџет нема да има пари за детски градинки во општини со мнозинство Албанци, нема да има средства и за поквалитетни здравствени услуги и за подобри здравствени домови.

За депонијата во Струга ќе се доделат 12 милион денари, а за детски парк во населба Нерези ќе се одвојат 3 милион денари.

„Може да се каже дека Буџетот е дискриминаторски, бидејќи не гледаме дека има мерки и нови инструменти со кои ќе се спречи оваа дискриминација која продолжува со години. Не гледаме дека има соодветна поделба на средствата, а оваа дискриминација треба да се поправи постепено“, рече Зендели.

Од 207-те амандмани поднесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ само четири беа прифатени. Пет милион денари ќе се издвојат за зголемување на субвенциите за камините на палети, 10 милион денари за економско-технолошката зона во Куманово, и пет милион денари за каналите за наводнување во Штип и Неготино.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, смета дека дел од предложените амандмани за училишта или здравствени установи не се прифатени оти за дел од нив имало предвидено пари во други програми или преку министерствата.

„Политичка волја е да се зголемуваат средствата. Мора да имате предвид дека по единаесет години мора да се грижиме и за дупки од долгови кои треба да ги платиме, значи имаме некои ограничувања. А за да се градат или реновираат некои работи на локално ниво ние во овој Буџет додаваме 900 милиони денари кои ќе одат во блок дотации кои треба да помогнат на локално ниво да си сервисираат потреби. Тие ќе се распределат во сите општини, без никаква дискриминација по ништо па ни по етничка основа“, рече Тевдовски

Според него министерството ќе прави притисок до институциите предвидените капитални инвестиции од овој Буџет да се реализираат што пак од друга страна ќе ја придвижи економијата.

Добар сигнал, според Тевдовски, е и тоа што бавно, но за влакно е избегната рецесијата, односно БДП – то во третиот квартал покажува добри сигнали, а очекува подобар последен квартал. Министерот вели дека сите прифатени амандмани ќе ги брани и пред Владата.

Државниот Буџет за наредната година е во обем од 3,5 милијарда евра, и е најголемиот во историјата од осамостојувањето на држават. Јавниот долг е проектиран на 2,7 отсто од БДП, односно државата преку долговите ќе се обиде да покрие минус од околу 850 милион евра. Со Буџетот за 2018 владата планира највисоко ниво на капитални инвестиции од 400 милиони евра.

По неколкунеделно одложување на буџетот, сега откако е усвоен тој повторно се враќа во Владата, по што се очекува текстот веќе да биде усвоен на пленарна седница, и тоа најдоцна до 23-ти декември.