Предметот „Сопот“ предаден на СЈО

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопшти во средата дека ги предале предметот „Сопот“ на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите или опознато како Специјално јавно обвинителство (СЈО), коешто претходно се прогласи за надележно за овој случај.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција информираше дека постапувајќи по барањето на СЈО за предавање на кривичниот предмет КО.бр.42/08 познат во јавноста како „Сопот“, побарало од Советот на јавните обвинители да се произнесе дали барањето е законско дејствие на јавниот обвинител кој раководи со споменатото обвинителство.

„Дотолку повеќе што надлежноста дефинирана во чл.2 ст.1 од Законот за јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации каде што како неовластено следење на комуникации е ‘неовластеното следење на комуникациите извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, вклучително но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до тоа обвинителство пред 15 јули 2015 година’. Со оглед на тоа што кривично правниот настан е случен пред 2008 година, поточно во 2003 година, ОЈО ГОКК сметаше дека предметот што се бара не е поврзан и не произлегува од содржината на неовластеното следење на комуникациите“, се наведува во образложението на Јавното обвинителство.

Се додава дека по добиеното писмено Известување од Советот на јавните обвинители од вторникот (04.07.2017 година), во кое немало донесена децидна одлука дали да се предаде предметот, туку дека „ќе треба самостојно да одлучи дали наведениот предмет ќе го достави до СЈО, бил оддржан Колегиум на јавните обвинители во ОЈО.

На Колегиумот било заклучено предметот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција познат во јавноста како „Сопот“, што е во фаза на првостепена судска постапка пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје, со неговите списи, да се достави до СЈО за тоа да се произнесе дали врз него ќе воспостави надлежност.

„Сопот“ е судски предмет во кој селани од кумановското село Сопот одговараат за тероризам, односно поставување мина на пат на која нагази НАТО џип со полски војници и македонски државјани. Загинаа двајца војници и еден македонски граѓанин. За ова дело беа осудени 11 лица на затворски казни. Седум од нив веќе ја одлежаа казната.

Но, во Собранието, пред собраниска комисија беа презентирани наводно докази дека обвинетите биле неправедно осудени. Според тврдењето на главниот сведок, изјавата со која ги посочува селаните од Сопот како извршители на делото била дадена под полициска присила и тортура. Клучниот сведок сега тврди дека тие се невини.

Кумановскиот суд го врати случајот на повторно судење кое продолжи во скопскиот Кривичен суд во одделот за дела од организиран криминал. Судењето започна од почеток и на некои од обвинетите кои биле недостапни, им беше одреден притвор. Сите беа сослушани и тврдеа дека се невини.

Ослободувањето на осудените во случајот „Сопот“, исто така, беше еден од условите од коалицискиот договор меѓу СДСМ и албанските партии за давање поддршка со којашто Зоран Заев од шефот на држава го доби мандатот за составување на владиниот кабинет.