Претседателот на Србија во посета на Русија

Српскиот претседател Томислав Николиќ престојува во дводневна работа на посета на Русија, при што денеска ќе се сретне со московскиот патријарх Кирил, а утре и со шефот на руската држава Владимир Путин, јави Танјуг.

Според Кабинетот на српскиот претседател, при средбата поглаварот на Руската православна црква, патријархот московски и серуски Кирил на Николиќ ќе му ја врачи специјалната награда „патријарх Алексеј Втори“, кој ја доделува Меѓунардониот фонд за единиство на православните народи.

Кремљ од своја страна, како што јави ТАСС, соопшти дека на утрешната средба Путин и Николиќ ќе разговараат за „актуелното и идното стратешко партнерство меѓу Русија и Србија“ и ќе разменат мислења за „клучните аспекти на понатамошната соработка во политичката, трговската, економската и хуманитарната сфера“.

Двајцата претседатели ќе се осврнат и на „актуелни прашања на регионален и меѓународен план“, се додава во соопштението на Кремљ.

Николиќ, кој синоќа допатува во Москва, во пресрет на посетата изјави дека Србија и Русија имаат „ексклузивни политички односи“ и дека Москва знае дека српските граѓани не сакаат нивната земја да биде членка на НАТО.

– Русија од секогаш била чекор понапред од очекуваното во својата поддршка за Србија, изјави Николиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.