Балкан

Предупредување: Ова што му го прават на Вучиќ, му го правеа и на Ѓинѓиќ пред атентатот

Предупредување: Ова што му го прават на Вучиќ, му го правеа и на Ѓинѓиќ пред атентатот

Братислав Гашиќ тврди дека опозицијата создава атмосфера слична како пред убиството на премиерот во 2003-та година, а дека актуелниот шеф на владата е најзагрозената личност во Србија, пишува српски Курир.

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ е човекот кому најмногу му е загрозена безбедноста, обелодени на вчерашната седниа на Одборот за контрола на службата за безбедност, министерот за одбрана Братислав Гашиќ.

Тој рече дека тој е најодговорен за чување на безбедноста на премиерот, а дека опозицијата создава атмосфера слична како пред убиството на Зоран Ѓинѓиќ.

-Тие сакаат да се расчисти просторот околу Александар Вучиќ, рече Гашиќ.

Овие податоци тој ги изнесе во полемиката на пратениците со народниот правобранител Сашо Јанковиќ, за инцидентот што се случил на Парадата на гордоста во септември 2014, кога биле пребиени браќата на премиерот и на градоначалникот на Белград, Андреј Вучиќ и Предраг Мали.

Одговарајќи на прашањето зошто Вучиќ е обезбедуван од страна на специјалната воена единица „Кобри“, тој изјави дека премиерот е најзагрозената личност во земјата. Додаде дека и поранешниот претседател на Србија, Борис Тадиќ, иако одамна го поминал законскиот рок од шест месеци и понатаму е обезбедуван од огромен број кобри.

Инаку, народниот правобранител Јанковиќ рече дека „дека не тврди дека Военобезбедносната Агенција (ВБА) го прекршила законот за време на инцидентот на Парадата на гордоста“, што инаку предизвика голем број реакции во јавноста.

-Тоа се сомнежи, можеби постои објаснување за стореното, и постапката на контрола служи за тоа да се разјасни. Не ја обвинив ВБА за кршење на законите на Парадата на гордоста, а ми се става крст на издајник на челото, рече Јанковиќ и додаде:

-Обвинителството утврдува дали има кривични дела, а заштитникот на граѓаните пропустите во работата.

Министерот Гашиќ, од друга страна, тврди дека ВБА и Министерството не добиле одговор од Обвинителството дали можат на народниот правобранител да му ги достават бараните документи. Тој на седницата на одборот дошол со куп документи во рамки на која се наоѓа и „преписката“ помеѓу Јанковиќ и Обвинителството, за што морал да понесе и голем куфер.

– Немавме намера да ве навредиме или да сокриеме било што, но ние сеуште не сме го добиле одговорот од Обвинителството дали смееме да ги доставиме бараните документи. Сеуште чекаме, затоа што мораме да бидеме уверени дека тоа е во согласност со законот. Нема да ви го ускратиме правото и не рековме дека одбиваме соработка, бараме и чекаме одговор, повтори Гашиќ.

Тој му се заблагодари на Јанковиќ што признал дека ВБА никого не прислушувала. Инаку полемиката се водила и околу апаратот за прислушување кој бил купен пред неколку години. Тој чинел, како што изнел Гашиќ, 1. 106. 000 евра, а сега се чува во воениот магацин.

Народниот правобранител Јанковиќ прикажал документ во кој наведува дека ВБА вршела контрола и следење на активностите на Српска Радикална Странка (СРС) на 15-ти ноември 2014-та, кога бил организиран и митинг по повод враќањето на нивниот лидер Војислав Шешељ во Белград.

-Немам потврдени сознанија дека тој документ е точен и веродостоен, но имам сериозни сомнежи што треба да ги проверам. Прибирањето податоци кои не се во согласност со Законот за ВБА е противзаконски. ВБА е надлежна за контраразузнавачката безбедносна заштита на Министерството за одбрана и Владата и ако во овој документ имаше било каква индикација дека припадниците на СРС планираат напад на Министерството и Владата, тогаш ќе можевме да разговараме, но такви сознанија не се наведени во документот, рече Јанковиќ.

ФОТО: kurir.rs