Предвремени парламентарни избори во Грција

Предвремените парламентарни избори во Грција се извесни откако грчкиот Парламент не му ја даде поддршката од 180 гласови на единствениот кандидат Ставрос Димас ни во третиот изборен круг. За кандидатот на владеачката коалиција овој пат гласаа 168 пратеници, а против беа 132, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
Според Уставот изборите треба да се распишат во рок од десет дена, а како можни датуми се споменуваат  25 јануари или 1 февруари. Последните анкети покажуваат континуирано водство на опозициската Сириза пред владеачката Неа Димократиа.
– Владата направи се што беше возможно за да биде избран новиот претседател, но мнозинството пратеници ја одвлече земјата во предвремени избори. Ќе сторам се за да гарантирам дека земјата ќе остане на патеката на реформите, изјави Самарас непосредно по гласањето.
Лидерот на Сириза Алексис Ципас најави дека иако сака Грција да остане во Еврозоната, тој ќе бара запирање на мерките за штедење. Германија пак ја предупреди Грција дека нема да биде толериран каков било обид за менување на овие мерки.
– Кога мнозинството од народот ќе реши да биде ставен крај на политиките на пакетите за спасување и мерките за штедење, тогаш законодавците не смеат да постапат поинаку од тоа својата должност да ја држат во линија со волјата на луѓето, изјави Ципрас по гласањето информирајќи дека владата на Самарас од денес му припаѓа на минатото, а истото за кусо време ќе се случи и со договорите за штедење.
Исходот од денешното гласање во Грција според странските медиуми отвара нова криза во Еврозоната, а евентуалната победа на Сириза ќе претставува закана за иднината на еврото.
Во однос на проблемот што Атина го има со нашето уставно и историско име пак, засега нема разлика меѓу официјалните позиции на Сириза и на Неа Димократиа.
Обете партии ја поддржуваат официјалната грчка црвена линија за сложено име со географска одредница за вкупна употреба, а идентични ставови имаат и во однос на правата на македонското малцинство во Грција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.