Прегазена 60 годишна жена во железничка несреќа во Прилеп

Во железничка несреќа што се случи денеска околу 13.30 часот во Прилеп повредена е 60 годишна прилепчанка.

Според изјавите на машиновозачот и очевидците-патници во возот, машиновозачот само што го поминал обележаниот премин кај сточното пазариште во Прилеп ја забележал жената како се движи среде пругата пред возот. Свирел, а потоа кочел, но таа не реагирала. Возот ја зафатил жената и ја отфрлил покрај пругата.

Итната медицинска помош стигнала за неколку минути. Според Гоце Јонзоски, началник на Службата за итна медицинска помош, жената е на хируршкото одделение во прилепската градска болница и е надвор од животна опасност.

„Според првичните информации од хируршкото одделение 60 годишната Фатиме Алиоска со место на живеење на ул. „Дабнички завој“ број 41 во Прилеп е надвор од животна опасност. Се здобила со полесни повреди, но ќе биде задржана на натамошно лекување“, вели Јонзоски.

Според прилепското обвинителство кое со полицијата направи увид, засега жената не давала сериозни одговори зошто се движела по пругата, стотина метри по обележаниот премин. Присебноста на машинвозачот и го спасил животот. Железничкиот сообраќај на релацијата Битола-Прилеп е во прекин неколку часа.