Прегазено 4-годишно дете во Велес

Синоќа околу 20 часот на регионалниот пат Р-1312 во населба Превалец, во Велес животот го загуби 4,5 годишно дете од село Горно Јаболчиште. Портпаролот на СВР Велес, Анита Стојковска информира дека возачот го напуштил местото на несреќата. Утрово бил пронајден патничкиот автомобил марка „Фолксваген голф“ со велешки регистерски ознаки, кој возачот го оставил на патот кон село Војница, општина Чашка.

Како што информираат од СВР-Велес синоќа непознато возило управувано од непознат возач удрил во 4,5 годишно дете од село Горно Јаболчиште, кое со својата мајка чекале такси превоз на земјено проширување на левата страна од коловозот.

Детето со возило е пренесено во ЈЗУ Општа болница Велес, каде од страна на доктор е констатирана смрт.

– Од страна на полициски службеници преземени се интензивни мерки за утврдување на идентитетот и пронаоѓање на возачот, при што во 22,50 час. Е.М. (1986) е лишен од слобода од својот дом во село Горно Оризари и задржан во просториите на полициска станица Велес, потенцира Стојковска.

Увид на лице место изврши Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Велес. По наредба на Јавен обвинител телото на починатото дете ќе биде пренесено во Институтот за судска медицина заради вршење обдукција.