Преговори за дополнителни услови за Иран

Русија инсистира да не бидат поставувани никакви дополнителни услови на Иран, на финалната рунда преговори со групата П5+1 (Франција, САД, Велика Британија, Русија, Кина и Германија) во Виена, со цел да се постигне договор за спорниот нуклеарен програм на Техеран, како и тоа конечниот документ да не претставува преседан за воведување посилна контрола на други земји, рекол за Итар Тас дипломатски извор од една западна делегација.

Ова е одговор на изјавата на шефот на француската дипломатија Лоран Фабиус, кој вчера рекол дека постојат разлики во пристапите меѓу Русија и западните земји вклучени во одлучувачката финална рунда преговори со Иран.

„Додека досега групата П5+1 (Франција, САД, Велика Британија, Русија, Кина и Германија) имаше многу хомоген став, последните денови претставниците во преговорите изнесоа повеќе различни пристапи меѓу еден дел на групата П5+1 и нашите руски партнери“, рекол Фабиус.

Дипломатски извор на руската агенција наведува дека рускта делегација не сака конечениот  договор да содржи барања кои ги преминуваат верификационите проведури на Меѓународната агенција за атомска енергија.

Исто така, Русија смета дека, доколку Иран го исполни дополнителниот протокол на договорот за нуклеарно разоружување, дополнителни обврски нема да бидат потребни. По овие прашања, Западот има поостар став.

Москва исто така, порачува дека решението на сите спорни прашања кои се однесуваат на Иран, не треба да претставува преседан во системот кој би довел до построги барања за другите земји, од политички или деловни причини.