Преговорите за Кипар завршија без договор

Преговорите меѓу лидерите на кипарските Грци и Турци, Никос Анастасијадес и Мустафа Акинџи посветени на напорите за обединување на Кипар, завршија доцна синоќа без каков и да е договор, освен што е решено тие да продолжат на 18 јануари, но на ниво на експерти, јави ТАСС.

По завршувањето на преговирите генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш изјави дека двете преговарачки страни се подготвени да ги направат „последните напори“ за изнаоѓање решение за поделениот Остров.

Дипломатски извори соопштија дека засега не е договорена ниту средба на тројцата гаранти на преговарачкиот процес – министрите за надворешни равоти на Велика Британија, Грција и Турција, кои би разговарале за евентуалнните идни чекори во преговорите.

По завршувањето на разговорите шефот на турската дипломатија Мевљут Чавушоглу најави дека експертските преговори на 18 јануари ќе се одржат во истиот формат како и вчерашните, односно со учество на претставници на двете кипарски заедници, Велика Британија, Грција и Турција.

Тој нагласи дека не е утврден краен рок до кога би требале да завршат преговорите на експертите, потенцирајќи дека нивна задача ќе бите да ги разгледаат можните опции за изнаоѓање решение за Кипар во сите сфери, вклучително и во областа на безбедноста и да изработат предлог за продолжението на средбата на лидерско ниво, која би можела да се одржи веќе кон крајот на овој месец.

– Се надевам дека повторно ќе се собереме кон крајот на јануари, изјави Чавушоглу по завршувањето на  преговиорте.