Прекин на огнот во Јужен Судан

Претседателот на Јужен Судан, Салва Кир, и лидерот на бунтовниците, Риек Машар, по 15 месечни борби во граѓанската војна во земјата, вчера во Адис Абеба постигнаа спогодба за прекин на огнот и поделба на власта, јавија западните агенции, пишува МИА.
Целосниот прекин на непријателствата се очекува утре, рече преговарачот од меѓувладиниот источноафрикански регионален блок ИГАД, Сејум Месфин, во главниот град на Етиопија, каде спогодбата беше потпишана, пренесоа француските медиуми.
Врз основа на спогодбата Кир ќе остане на функцијата претседател, додека Машар ќе биде потпретседател, наведуваат британските меидуми, повикувајќи се на африкански дипломатски извори.
Медиумите наведуваат дека двајцата лидера на 20 февруари треба да ги продолжат разговорите и дека таа рунда треба да биде финална и да доведе до сеопфатна спогодба за завршување на кризата.
Француските медиуми истакнуваат дека двајцата лидери, од почетокот на борбите во земјата, во декември 2013 година, досега потпишале и потоа прекршиле најмалку шест спогодби за прекин на огнот.
Ситуацијата во Јужен Судан останува нестабилна, откако на крајот на 2013 година во Џуба почнаа вооружени немири, а Кир изјави дека во земјата се извел обид за државен удар и за него го обвини Машар.
Во конфликтот досега погинаа десетици илјади лица, а Јужен Судан, кој од Судан се одвои во 2011 година, е доведен до работ на хуманитарна катастрофа, потсетуваат западните агенции.