Прекин на работните активности по паѓање на потпорниот ѕид во Пржино

Во врска со денешното уривање на потпорниот ѕид на ул. „Пандо Кљашев“ во населбата Пржино, сакаме да Ве информираме дека веднаш по уривањето на истиот, екипа на градежниот инспекторат на Општина Кисела Вода излезе на терен со цел да направи увид и проценка за настанатата штета, како и да ги откријат причините за истата, се наведува во соопштението од општината.

„Исто така, и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, придружуван од страна на градежните инспектори направи увид на локацијата. Ве инфомираме дека од страна на градежниот инспекторат на Општина Кисела Вода на изведувачот на градежните работи, фирмата Хантерс ДООЕЛ Скопје веднаш му е издадена усна наредба за прекин на работните активности на објектите. Покрај ова, во моментов во подготовка е и решение за прекин на градежните работи“, велат од општина Кисела Вода.

Инаку, од фирмата изведувач, „Хантерес“ ДООЕЛ Скопје веќе започнаа со активности за санација на настанатата штета, како и изградба на нов потпорен ѕид.

На истата фирма изведувач, од страна на Општина Кисела Вода ѝ е наложено прво да изврши целосна санација на штетата, па потоа да започне со изведба на градежни работи на објектите. Воедно, изведувачот на објектите за кои поседува дозвола за градба се обврза по завршувањето на градежните работи да изврши и асфалтирање на горната и долната улица „Пандо Кљашев“.

Претходно жителите на споменатата улица тврдат дека предупредувале оти вакво нешто може да се случи, но тоа не ги спречило новите општински власти да издадат градежна дозвола, како и за маркици за градби и во парк-шумата на Водно. Жителите се огорчени од ваквиот ингноратски однос од страна на општината и велат дека наместо да постапат по нивните пријави тие се ставиле во одбрана на урбаната мафија.

На жителите не им е јасно како градежната компанија „Хантерс“ добила воопшто дозвола за градба на тој простор и каде ќе се паркираат возилата за 12-те станови што се предвидени да се изградат на тој простор. Велат и дека нема соодветено решение ниту за струја ниту за вода од страна на инвеститорот. И покрај ваквите пропусти сепак издадена е дозвола за градба на тој простор.