Прекинат штрајкот на вработените во „Еврокомпозит“

Вработените во „Еврокомпозит“ ги прекинаа протестите и блокадата на патот Прилеп- Скопје откако новиот в.д. генерален директор денеска им ветил дека во четврток ќе добијат плата.
Управниот одбор на „Еурокомпозит“ во петокот го назначил инжинерот Гоце Јагуриноски за нов в.д. генерален директор, кој ќе биде на оваа позиција се до наредното акционерско собрание, кое е закажано за 21 мај. Дотогаш тој ќе биде потписник на сметката на фирмата и ќе може да исплати плата.

Разговарав со синдикатот и вработените кои сакаат прво да добијат плата па да работат. Ветувањето е до четврток да се исплати плата, па да продолжи процесот на работа. Прифатено е протестите да се стават во мирување до четврток. Јас кажав и претходно дека доколку нема префрлање на финансиски средства од страна на Владата и јас ќе си поднесам неотповиклива оставка, па нека си бараат друг, рече Јагуриноскикој беше дел од вработените кои штрјкуваат.

Претходно од Владата им беше ветено дека во рок од 6 месеци ќе им биде решен нивниот проблем, од тоа ветување досега поминаа скоро 2 месеци, а работите не се мрднати од мртва точка. А веќе немало и нови договори за работа. Јагуриноски за разлика од неговиот претходник излезот не го гледа само во продажба на странски инвеститор туку во спојување на оваа компанија или со МО или со МВР.

Од синдикатот најавија дека доколку до четврток не добијат плата повторно ќе го блокираат патот Прилеп – Скопје.