вторник, 29 ноември 2016  |  Вести денес: 57

„Прекината одисеја“ премиерно во МНТ

Уметничкиот директор на МНТ Тони Михајловски рече дека иако претставата најверојатно доцни многу години, подобро е некогаш, отколку никогаш да биде реализирана.

prekinata-mnt-640x294

Последни вести

Претставата за егзодусот на децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија кои завршуваат во Полска, „Прекината одисеја“ од авторот Роберт Урбањски вечер премиерно ќе биде изведена на сцената на Македонскиот народен театар.

„Прекината одисеја“ е копродукциски проект меѓу  Македонскиот народен театар и театарот „Хелена Моджејевска“ од Легнице, а во режија на Јацек Гломб. Музиката е на Горан Трајкоски, а сценографијата и костимите на Малгорзата Буланда.

Според драматургот Роберт Урбањски се работи за приказна што во одредено време ги поврзува нашите народи кои, како што рече, до денеска топло зборуваат едни за други. Изрази надеж дека судбината на тие луѓе и топлината што ја покажале меѓусебно со оваа  претства ќе биде продлабочена и оти и во иднина тие односи и релации ќе бидат уште подлабоки.

Полскиот режисер Јацек Гломб изрази задоволство што делото кое го подготвуваат веќе две години доаѓа до своето финале.

Директорот на МНТ Дејан Пројковски рече дека в сабота ќе се оствари двегодишниот сон на театарот „Хелена Моджејевска“ и МНТ.

– „Прекината одисеја“ е претстава за која во изминатите две години двата театри сонуваме заеднички да раскажеме една голема приказна, за која работејќи, разбравме дека е главниот мост меѓу Полска и Македонија. Претставата не е учебник по историја, и не би сакал никој понатаму претставата да ја третира како историски чин. Ова е театарски чин, што исклучиво се занимава со судбините и страдањата на децата бегалци. Не би сакал таа да биде дел од дебати за историски факти, бидејќи е уметнички чин кој е базиран на факти, меѓутоа од личните драми и случувања на децата бегалци, рече Пројковски.

Посочи дека, како што е договорено меѓу двата театри, претставата понатаму ќе биде дел од фестивалската понуда и во следните неколку години и ќе се прават напори таа да гостува во што повеќе земји и фестивали.

Уметничкиот директор на МНТ Тони Михајловски рече дека иако претставата најверојатно доцни многу години, подобро е некогаш, отколку никогаш да биде реализирана.

– Она што Полска го има направено за македонските деца во тоа време е неопишливо. Љубовта која им е дадена, а претходно одземена, животот кој им е овозможен на тие луѓе и нивните приказни ќе бидат вплетени во оваа приказна, рече Михајловски.

Претставата ќе биде изведена во Македонија и во Полска, на македонски и на полски јазик со актери од двете држави. По премиерата, на 18 и 19 септември ќе има две репризи. Претставата на 20 септември игра во Куманово, на 21 септември во Велес, на 22 септември во Штип, 23 септември во Струмица, на 26 септември во Охрид, на 27 и 28 септември во Битола и на 29 септември во Прилеп. Во втората половина на ноември годинава претставата ќе се игра во повеќе градови во Полска.

Во претставата играат околу 30 актери од Македонија и Полска. Од ансамблот на МНТ играат актерите Владо Јовановски, Софиа Насевска-Трифуновска, Сашка Димитровска, Снежана Коневска – Руси, Билјана Јовановска, Борче Начев, Томе Витанов и Трајче Ѓоргиев.

Проектот е поддржан од Министерствата за култура на Македонија и на Полска. Претставата ќе биде дел и од програмата со која Министерството за култура ќе се претстави на манифестацијата „Вроцлав – европска престолнина на културата 2016 година“.

Најчитани вести