Прекината потрагата по жртвите од несреќата на „Ер Азија“ во декември

Властите во Индонезија вчера ставија крај на потрагата по жртви од авионската несреќа на „Ер Азија“, која се случи на 28 декември 2014 година, а чиј авион се урна во Јаванско Море со 162 патника и членови на екипажот, од кои 56 не беа пронајдени.

– Потрагата целосно завршува. Четирите брода, со кои се вршеше потрагата, се враќаат во Џакарта – изјави координаторот на операцијата.

Во акцијата беа пронајдени 106 тела на патниците во авионот.

– Ние и роднините на жртвите сме едногласни дека потрагата по телата не може да трае бесконечно – изјави сопственикот на авиокомпанијата Тони Фернандес.

Бродови и авиони од неколку држави им помогнаа на индонезиските војници во напорите за пронаоѓање на останки од жртвите и остатоци од леталото.