Прекинати преговорите за независните експерти на ДИК

Разговорите за избор на експерти – членови на Државната изборна комисија се прекинати откако претставниците на четирите политички партии не постигнале договор за експерт Албанец, пренесува МИА.

СДСМ два пати не прифати предложен кандидат Албанец, брифираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.  Целта, според владејачката партија, е одложување на априлските избори што веќе е јавно посочено синоќа на трибина на лидерот на ЛДП во Велес.

ВМРО-ДПМНЕ, како што беше посочено, прифатил двајца екперти предложени од СДСМ од листата на шестмина селектиран од 40-те пријавени на огласот. Но за СДСМ, како што посочуваат, биле неприфатливи предлозите на ДУИ и ДПА. Најпрвин го одбиле првиот предлог на албанските партии, а потоа и другиот и предложиле да биде објавен дополнителен оглас само за експерти Албанци. Во сите случаи, како што брифираат од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ја одбиваше методологијата и бараше нова.

Ова е тактика и стратегија за одложување на изборите, велат во ВМРО-ДПМНЕ. И покрај тоа што конечен договор не е постигнат, а разговрите се прекинати, за ВМРО-ДПМНЕ е важечки договорот за двајцата експерти Македонци.

Собранието нема да прифати експерти кои би биле предложени од странските посредници туку, како што беше посочено Парламентот ќе донесе одлука  врз база на суверено право добиено од народот.

Им благодариме за помошта, но има црвена линија која не може да биде помината, велат во владејачката партија.

Се прават обиди да се надмине оваа ситуација со поединечни средби меѓу претставниците на политичките партии.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.