Преклузивниот рок, на испит бутна многу професори по право, а за оние кои не знаат што е право и владеење на правото и да не говориме

Во парламентот циркус; низ градовите во републиката незадоволство и протести; запален автомобил на пратеничка; на дебатните емисии надмудрувања и докажувања меѓу експерти и политички аналитичари за тоа во каков правен процеп се најдовме, откако претседателот на државата кажа дека нема да стави потпис на законот за употреба на јазиците; тие што се колнеа дека ќе се откажат од пратеничкиот мандат доколку се донесе законот за двојазичност, не само што немаат намера тоа да го сторат, туку и гласаа за самиот закон.

Со еден збор, не се знае кој е луд, кој е збунет и дали збунетиот или оној лудиот сексуално се офајдил, а злоставувани секако се граѓаните на Република Македонија, затоа што никогаш и никој јасно не кажа што се ќе содржи и што ќе значи донесувањето на контаверзниот закон; како тоа се стави европско знаменце за да биде донесен во скратена постапка и покрај тоа што премиерот Заев ја убедуваше јавноста дека за законот е водена деветмесечна дебата, а каде и кога, веројатно само тој и Ахмети знаат. Значи, да заклучиме, ДУИ и СДСМ се раководеле од тврдењето на Најџел Шорт, дека дури и лошиот секс е подобар од апстиненцијата.

Законот за употреба на јазиците беше изгласан на сила, со измама или како би рекле покер мајсторите на блеф, без отварање на расправа, што претставува уставна обврска, по што некои лоши актери се обидоа да направат театар, што само ја надополни целокупната фарса. Лоши актери затоа што истите тие десетина години на назад на сличен начин избуткаа повеќе такви закони со истите коалициони партнери, законите за хашките случаи, за амнестијата, за јазиците….

Во собраниската сала измешани чувства, едни ликуваа, се прегрнуваа, си честитаа, се фотографираа, други збунето, но мирно седеа, молчејќи како мали деца ставени на нокширче, а третите “као” беа револтирани, викаа и протестираа за начинот на кој беше изведена целокупната операција.

Сепак, пратениците во собранискиот дом на чело со Џафери, заборавија дека во правото постојат формални процедури цврсто врзани со рокови во кои работите треба да се случуваат. Некои рокови се утврдуваат со подзаконски акти, некои други со закон, но има и такви кои Уставот ги утврдува како такви. Роковите утврдени во Уставот, како и оние во други закони во кои експлицитно се дефинираат како крајни рокови во кои може да се постапува и да се преземаат соодветни правни дејствија се познати како преклузивни рокови. По истекот на еден таков преклузивен рок, не може да се преземаат никакви правни дејствија по прашањето за кое се однесувал тој рок. Во таков случај, ако постои некаков јавен интерес, потреба, неопходност или некоја друг законски основ, постапката мора да започне од почеток, од првичната фаза, а не да се продолжи од фазата до која се стигнало пред истекот на преклузивниот рок.

Во конкретниов случај, по враќањето на еднаш усвоениот закон за употреба на јазиците од страна на претседателот на Република Македонија, во Уставот постои ПРЕКЛУЗИВЕН РОК од 30 дена. Во тој рок од 30 дена, Собранието е должно да расправа по забелешките добиени од претседателот; да расправа за амандманите поврзани со забелешките и во тој рок треба да се гласа за законот. Со пропуштањето на преклузивниот рок, целата до тогашна постапка е ништовна, се претходно што е работено едноставно не важи, а Собранието, согласно Уставот нема право натаму да расправа за тој закон, а со тоа ниту да гласа за него.

Ако целта на власта е стварно да донесе коректен закон за употреба на јазиците и тој за мнозината граѓани на Република Македонија да е прифатлив и подржан од сите етнички заедници, треба да ја прифати вистината, дека со пропуштањето на преклузивниот рок, постапката мора да ја врати на почетна позиција.

Првиот чекор кон донесувањето на закон за употреба на јазиците, нужно мора да биде спроведувањето на попис на населението во Република Македонија. Дури потоа, без трикови со европското знаменце, да подготви текст на закон кој ќе биде даден на јавна дебата, за него да се произнесе пошироката и стручната јавност и потоа да влезе во редовна собраниска процедура. Но тогаш предложениот текст мора да биде многу почист, појасен за опсегот и целите кои се настојува со него да се постигнат, да биде поискрен и поприфатлив, закон кој ќе ги одразува вистинските состојби и потреби на сите заедници што живеат во Република Македонија, закон кој нема дополнително да го оптовари буџетот и нема неразумно да ја зголеми и така бројната, инертна и преплатена јавна администрација чие секојдневно мото е – дојдете утре!

Залудни се и не прифатливи убедувањата од премиерот Заев дека “донесениот” закон е уставен и дека не значи двојазничност…едноставно Заев е дел од извршната власт, не е стручен, не е компетентен, не е надлежен, а ниту е во позиција да цени дали законот е уставен или не. Што се однесува за двојазичноста на целата територија, како господинот премиер би ги објаснил двојазичните обележја на униформите на полицијата и АРМ, двојазичноста на банкнотите и предвидените санкции во спорниот закон, на која територија тие ќе бидат користени?!

Сепак тоа што е најнепромислено со циркуската претстава во Собранието, а за што најголемата вина паѓа на премиерот и владата, е тајмингот за расправа и брзањето по секоја цена сега и веднаш да се донесуве законот за јазиците, време кое коинцидира со интензивирањето на преговорите за името на Република Македонија со Грција.

Според редот на нештата и во ООН во рубриката јазик кој се говори во државата ќе стои – Албански и Македонски (сакате по абецедата или по азбуката, буквата “а” е пред буквата “м”), а да не говориме за можните кованици за името на државата, на народот и јазикот, кои ќе може да се изродат после едно вакво решение донесено во ступиден тајминг, а по инсистирање и уцени од ДУИ.

Значи, господо пратеници, убеден сум дека знаете да размислувате со сопствена глава, некогаш послушајте ја и сопствената совест, а не притисоците и нарачките од извршната власт. Впрочем ние, граѓаните ве избираме вас, претставниците во законодавниот дом, а вие го избирате составот на извршната власт. Затоа станете веќе еднаш од нивниот скут и дајте се од себе за исполнување на очекувањата на тие што вас ве избрале…ако ја пропуштите оваа прилика, не само што ќе покажете елементарно не познавање на правото, како многу професори по право кои јавно се избрукаа на отворени дебати игнорирајќи го или не препознавајќи го значењето и суштината на преклузивниот рок, туку ќе ни докажете дека вие самите сте вашиот единствен интерес, со што и ќе не убедите дека не заслужувате да ви веруваме.

Автор: Воислав Зафировски за НетПрес