Прекршочни пријави за „Ицемак“, Инспекторатот најавува и кривична

Државниот инспекторат за труд најверојатно денес ќе поднесе кривична пријава за фабриката „Ицемак“ од Сопиште, каде што минатата недела во експлозија еден работник загина, а двајца се` уште се борат за живот, пишува „Дневник“. По проверката на целокупната документација на вработените во фабриката инспекторите утврдиле дека фабриката не презела заштитни и безбедносни мерки за вработените, кои немале завршено никаква обука за безбедност при работа.

Државниот инспекторат утврдил и други пропусти во безбедноста поради што за денес најавува дека ќе поднесе кривична пријава против „Ицемак“.

– Денес е последниот ден за прибирање на писмениот материјал од увидот во целокупната документација во фабриката. Ако успееме денес да завршиме со прибирање на целокупната документација, утре ќе поднесеме кривична пријава против „Ицемак“ – изјави за „Дневник“ Слаѓана Андоновска, инспектор за безбедност и здравје при работа во Државниот инспекторат за труд.

Според Андоновска, инспекторатот ќе поднесе и прекршочни пријави.

– Државниот инспекторат не добил известување за вршење на дејност од управителот на фабриката поради што ќе поднесеме прекршочна пријава од втора категорија. Исто така ќе поднесеме и прекршочна пријава од трета категорија, бидејќи фабриката не ги исполнувала неопходните безбедносни мерки, односно вработените немаат направено никаква обука од аспект на безбедност при работа, не биле извршени здравствени прегледи за високоризични работни места, а вработените немале лична заштитна опрема – изјави Андоновска, за „Дневник“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.