Преку 150 работници интезивно работат на изградбата на автопатот Кичево-Охрид

Преку 150 градежни работници во моментов се ангажирани за изградба на автопатот Кичево-Охрид, а се очекува оваа бројка постојано да се зголемува во зависност од потребите, пишува Охридњуз. Од Јавното Претпријатие за државни патишта информираат дека градежните работи кои се дел од првата фаза за изградба на оваа значајна автопатна делница се одвиваат интензивно.

-Овој период на трасата на автопатот Кичево–Охрид се изведуваат земјени работи-ископ на земја, бетонски работи-изведба на потпорни ѕидови како и подготвителни работи за изградба на мостови, вели Валентина Христова Стефановска потпарол на ЈП за државни патишта.

Таа информира дека во согласност со договорот за изградба, изведувач на работите е кинеската фирма „Синохидро“, а подизведувачи се градежните фирми „Гранит“ и „Трансмет“.

-Во наредниот период можно е ангажирање и на други фирми. Бројот на работници кои во моментов работат на трасата изнесува преку 150, а оваа бројка е менлива зависно од потребите и истата постојано се зголемува. Изградбата на автопатот е повеќегодишна и ги вклучува: земјените работи, изградба на клучки, вијадукти, тунели и друго. До почетокот на зимскиот период интензивно ќе се изведуваат земјени и бетонски работи, објаснува Христова Стефановска.

Според планот за изградба, вкупната должина на автопатот ќе изнесува 56,7 километри. Ќе има две ленти од по 3,75 метри во правец, лента за застанување од 2,5 метри, како и рабни летни и банкини по целата должина.

Помеѓу двата коловоза ќе има разделен појас во должина од 3 метри. Автопатот ќе има 6 натпатници, 13 потпатници, 22 мостови – вијадукти, 7 армирано бетонски мостови, како и тунел под планинскиот превој „Пресека“ со две цевки за двата правци во должина од 1990 метри.

Вкупната вредност на оваа инвестицијата се проценува на 375 милиони евра, кои во најголем дел се обезбедени со кинески кредит, а околу десет отсто се вложувања на Владата на Република Македонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.