Преку активните мерки постигнати 6.868 вработувања

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на прес конференција информираше за прогресот на активните мерки за вработување за 2014 година при што рече дека политиките на отворањето на нови работни места и намалување на невработеноста спаѓаат меѓу основните и најзначајните заложби на Владата на Република Македонија. Ова единствено е можно преку создавање на амбиент и предуслови за зголемување на вработеноста, пред сè со примена на систем на програми и мерки кои нудат поволности на работодавачите, но и отвораат перспективи на невработените лица со акцент на нивните вештини и компетенции за вработливост.

“Со воведувањето, спроведувањето и надградувањето на Оперативните планови за активни програми и мерки за вработување постигнавме значителни успеси во создавање на нови работни места и нови вработувања во приватниот сектор за што најдобро говорат бројките”, рече министерот.

Toj да истакна дека во 2014 година од јануари до денес односно за нецели 8 месеци преку програмите и активните мерки за вработување , постигнати се над 6868 вработувања( односно досега преку мерките кои се дел од оперативниот план постигнати се 3630 а преку мерката ослободување од придонеси за вработување на млади лица постигнати се 3238 ),или ако се земе споредбено, само во првите осум месеци од 2014 година имам над 2700 вработувања повеќе од вкупниот број вработувања преку активните мерки за вработување во цела 2013 година, односно зголемување на новотворените работни места преку активните мерки и политики за 65% во споредба со минатата година.

“Како посебно успешни мерки кои даваат видливи резултати би ги издвоил, мерката за ослободување од плакање социјални придонеси за 12 месеци за вработување на млади преку која постигнати се 3238 вработувања , мерките Субвенционирање на вработување со над 638 постигнати вработувања, потоа мерката Обука кај познат работодавач со 138 реализирани вработувања заклучно со месец август оваа година, со што очекуваме да бидат опфатени уште 700 невработени лица до крајот на годината ( преку оваа мерка, лицата кои се на обука добиваат обука во реални услови кај работодавачот и по 5700 денари месечно за период од 3 месеци а компанијата добива до 25000 денари за менторство и трошоци ) , сакам да ги поттикнам и информирам приватните компании да ја искористат оваа мерка за да обучат и вработат нови работници при што за оваа мерка огласот е континурано отворен до исцрпување на слободните места” истакна Спасов.

DSC_1356

“Исто така преку програмата за грант средства од 3000 евра за самобработување , досега се потпишаа 500 дoговори а очекуваме во наредниот месец да се потпишат уште 450 договори за поддршка за формирање и основање на мали бизниси кој дополнително ќе придонесат за зголемување на новотоворените работни места. Ги повикувам невработените лица кои имаат афинитети кон информатичката технологија да аплицираат на огласот за 100 висококвалитетни сертифицирани ИТ обуки кој трае до 5 ти септември“, додаде Спасов.

Дополнително, набрзо се очекува да се потпише договорот преку ИПА програмата за вториот директен грант од Европската Унија во износ на околу 2 милиони евра , при што планирано е да се вклучат голем број на невработени лица во постојните активни програми и мерки за вработување.

„За нас од особено значење е и информираноста на граѓаните односно невработените лица за мерките и можностите за вработување и наменските обуки за совладување на вештини кои ги нудиме, токму затоа преку агенцијата за вработување на крајот на минатата година го воведовме популарно наречениот job market, односно веб сервисот за пазар на труд каде што се интегрирани понудата и побарувачката на работна сила, а исто така и воведовме смс известување на невработените лица за можностите кои ги нуди државата” потенцираше Спасов

Министерот најави дека во октомври 2014 година, ќе се подобри системот за информирање преку веб сајтот на Агенцијата за вработување преку селектирани алатки avrm.gov.mk, со што ќе бидат опфатени поголем број на лица.

“Сакам да искажам јавна благодарност до директорот на Агенцијата за вработување на Р.Македонија, до раководителите на Центрите за вработување, и вработените во секторот за труд во Министерството, за посветеноста кон реализација на можностите кои ги дава Владата на Република Македонија за невработените лица. Без нивното залагање и доближување до граѓаните, овие мерки не би биле толку успешни“, рече Спасов.