Преку „Е-промена на податоци“ брзо и ефикасно ажурирајте ги податоците во УЈП

На брз, ефикасен и бесплатен начин, односно преку најновата услуга на Управата за јавни приходи „Е-промена на податоци“ сите граѓани ќе можат да ги ажурираат своите податоци, најави денеска директорот на Управата за јавни приходи, Горан Трајковски.

„Услугата се состои секој граѓанин со јавување на телефонскиот број 0800 33 000 и идентификување со своето име и презиме, матичниот број и користејќи еден од броевите на даночни решенија од типот даночно решение за утврдување на годишен персонален данок на доход, даночно решение за пауално утврден приход од вршење на самостојна занаетчиска дејност, даночно решение за паушално утврден приход на земјоделци од основна или дополнителна дејност или даночно решение за утврдување на аконтација на данок на приходи од имот и имотни права“, рече Трајковски.

Сите овие категории на граѓани, како што потенцираше тој, можат од Управата за јавни приходи да добијат пинкод, кој понатаму ќе го користат во комуникација со Управата.

Во овој момент пинкодот може да го користат само за промена на статусни, односно адресни податоци.

„Верувам дека со оваа услуга ќе го скратиме и времето и трошоците на граѓаните во комуникацијата и општењето со УЈП“, појасни Трајковски, кој нагласи дека со оваа услуга на брз и ефикасен начин ќе се ажурираат податоците.

Услугата, како што нагласи Трајковски, ќе им биде достапна на сите граѓани во текот на целата година.

Точните податоци се важни за навремено информирање и доставување на даночните акти на вистинската адреса од страна на УЈП, со што се избегнува настанување на долгови и пресметка на камати.