Македонија

Преку „Македонија вработува“ досега ангажирани 4.535 лица

Преку „Македонија вработува“ досега ангажирани 4.535 лица

Вкупно 4.535 лица се ангажирани преку проектот „Македонија вработува“ за три ипол месеци, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при денешната посета на приватната компанија „Дока текстил“ од Валандово која ги има искористено поволностите од проектот, пренесе МИА.

Спасов оцени дека компанијата е успешен и позитивен пример на македонска компанија која изминатите години ги користи поволностите што се нудат преку мерките за вработување.

Оваа компанија со годините се повеќе и повеќе се развива и го зголемува бројот на вработувања. Околу 10 проценти од вработените се ангажирани преку мерките за вработување што ги нуди Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија, односно околу 40 лица се вработени само преку „Македонија вработува“, што е уште еден показател за успешноста на мерките. Ги повикувам сите приватни компании да го следат овој пример, да помогнат во развојот на нашата држава преку напредокот на нивните компании и создавањето и отворањето нови работни места, рече Спасов.

Сопственикот на „Дока Текстил”, Тони Пандев изрази задоволство од проектот „Македонија вработува” оценувајќи го како позитивен и за компаниите и за невработените.