Преку мерката за ослободување од придонеси компаниите вработиле 5585 млади

Приватниот сектор активно ја користи мерката за вработување млади лица со едногодишно ослободување од плаќање придонеси.  Досега 3210 компании поднеле апликации за вработување на околу 5800 лица до 29 години од кои 5585 веќе стекнале работен однос, пишува Економски.мк.

-Поради добриот резултат кој го дава оваа мерка, а за што говори бројката на вработени на овој начин. апелираме до работодавачите да ја проанализираат и искористат можноста затоа што ќе направат значителни заштеди во трошоците за плата, во износ од 37% по плата. Бидејќи ги ослободивме од социјални придонеси кои прават 23% од платата, а претходно донесоме мерка со која што беа ослободени од плаќање на 10% персонелан данок на доход, значи вкупно 37% заштеда на средства кои фирмите може да ги алоцираат за други потреби во нивните дејности, вели портпаролот на владата, Александар Ѓоргиев.

Уште еден проект за поттикнување на вработувањата се и специјализираните саеми каде што барателите на работа директно се среќаваат со компаниите кои бараат кадар. На петте вакви саеми кои се одржаа изминатите два месеци разменети се околу 11 илјади работни биографии, а според досега добиените податоци од работодавачите, вработени се 260 луѓе, пренесе економскиот портал.

-Бидејќи не се сите апликации обработени од компаниите очекуваме оваа бројката да расте и понатаму и да добиеме многу поголем број на вработени лица, вели Ѓоргиев.

Саемите ќе продолжат и во новата година. Владата наскоро ќе ги утврди следните градови и датуми на одржување.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.