Преку неповратни грантови самовработени 7.800 лица

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска истакна дека проектот за самовработување има постигнато огромен успех и додаде дека ќе продолжи засилено да се спроведува и понатаму.

Тој потенцира дека преку овој проект досега 7.800 лица добиле неповратни грантови за самовработување, а напомена и дека годинава за таа намена ќе бидат инвестирани три милиони евра кои ќе овозможат самовработување на близу илјада лица.

– Проектот за самовработување ќе продолжи и понатаму. Тој и досега даде одлични резултати. Досега околу 7.800 лица добија неповратни грантови за самовработување и во најголем дел ги искористија со успех, така што овој процес ќе продолжи. Годинава некаде во јануари се поделија нови 500 вакви грантови, а во наредниот период, некаде април – мај ќе има оглас за дополнителни над 420 грантови, така што без малку илјада грантови ќе се распределат оваа година. Тоа се илјада семејства, тоа се илјада вработувања, тоа се околу три милиони евра директно инвестирање во нови работни места, односно во создавање услови за самовработување, рече Груевски, кој присуствуваше на отворањето на изложба од вториот на Министерството за култура конкурс за откуп на уметнички дела.

Тој посочи дека ова е проект на Владата на ВМРО-ДПМНЕ кој претходно не постоел, а кој, како што рече, поради одличните резултати ќе продолжи засилено да се спроведува.

– Досега има огромен успех и понатаму засилено ќе продолжи со поддршка на луѓето коишто имаат идеи, коишто имаат проекти како да создадат мал бизнис и да се самовработат. Грантовите од три илјади односно од четири илјади евра за одредени категории ќе продолжат. Само оваа година ќе бидат инвестирани три милиони евра, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.