Македонија

Преку пилот-проектот правилно ќе се имплментира државниот испит

Преку пилот-проектот правилно ќе се имплментира државниот испит

Еден од дваесетината предлози кои во изминатото тримесечје, беа понудени од високо образовните установи, професорите и студентите, како и од останатите општествени чинители, а кои се прифатени и инкорпорирани во предложениот пакет реформи за подигнување на квалитетот на севкупниот образовен систем во Република Македонија, е и последниот предлог на УКИМ за спроведување на пилот проект за државниот испит, пред неговото официјално воведување и одржување, објавува Курир.

Министерството за образование и наука го поддржа предлогот на УКИМ, за спроведување пилот проект за државниот испит, пред неговото официјално воведување. Предлогот кој МОН го оцени како конструктивен, прифатлив и кој како аргументирана иницијатива ќе помогне во правилната имплементација на оваа реформа.

– Изразувајќи почит кон Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и другите универзитети, Министерството за образование и наука останува отворено за секоја аргументирана иницијатива и предлог реформа која значи понатамошно унапредување на квалитетот на образованието во Република Македонија, стоеше во соопштението од МОН.

Според познавачите, пилотирањето е пробна имплеметација на процесот, односно значи дека државниот испит кој е предвиден во законот ќе се одржи и тоа не е спорно. Пред да се одржи тој официјален државен испит ќе има пилот проект кој во суштина значи пробно изведување на процесот, односно пробно изведување на државниот испит.

Познавачите на состојбите коментираат дека тоа е пробна изведба на процесот, без притоа да има било какви реперкусии врз студентите и професорите, и така ќе овозможи на најдиректен начин да се воочат сите потреби од евентуална надградба или поедноставување на целиот процес.

Преку пилот проектот , сите чинители ќе видат што значи и како изгледа тој процес, тој чин, и непосредното искуство на студентите, професорите и сите останати засегнати страни ќе помогне при конечната формулација на процесот преку кој ќе се врши верификација на академското знаење на студентите. Сите тие најдиректно ќе придонесат за формулација на техничката и процедуралната имплементација, креирање на јавниот базен со прашања и слично.

Дополнително, експертите сметаат дека институциите на системот ќе треба да го дефинираат начинот на пилотирањето, односно дали државниот испит пробно ќе се спроведе на сите високо образовни установи, на одредени високо образовни установи по случаен избор, или пак на оние коишто пројавиле првичен интерес да бидат опфатени.