Преку проектот „Македонија вработува 2“ досега вработени над 120 лица

Компаниите и невработените лица започнаа да ги користат придобивките за вработување што се нудат преку владиниот проект „Македонија вработува 2“. Во рамки на вториот циклус на проектот досега се вработени над 120 лица а оваа бројка континуирано од ден на ден се зголемува.

Во рамки на досегашните вработувања се вработени лица од различна старосна возраст, различен степен на образование и различно работно искуство. Станува збор за компании од мал и среден обем односно компании до 9 вработени лица и компании од 10 до 49 вработени лица.

-Податоците покажуваат дека и вториот циклус од проектот „Македонија вработува“ е позитивно препознаен од страна на компаниит и тие активно аплицираат за ангажман на работници користејќи ги поволностите на истиот. Информациите говорат дека досега како резултат на овој втор циклус се вработени над 120 лица што претставува добра динамика имајќи во предвид дека лицата се вработуваат на целата територија на Македонија и тоа во стопански субјекти кои се различни по својта дејност и обем. Апелираме работодавачите да ги искористат овие можности кои им стојат на располагање и да обезбедат заштеда до 37% од своите трошоци за ангажман на работници. Средства кои потоа може да ги употребат во развој на својата дејност, подобрување на профитабилноста и во овозможување на еден сеопфатен креативен добар амбиент кој ќе биде од интерес од лицата кои се вработуваат и за самите цели на компанијата, истакна Александар Ѓорѓиев.

Со „Македонија вработува 2“ се опфатени 5 категории на граѓани:

-Прва група, невработени лица до 35 години возраст, кои што претходно немале заснован работен однос или кои имале претходно заснован работен односно пред вработувањето согласно мерката биле невработени најмалку три месеци.

-Втора група, невработени лица на возраст од 35 до 50 години, кои во последните 15 години биле најмногу 5 години во работен однос и најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос.

-Трета група, невработени лица на возраст над 50 години и кои најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос.

-Четврта група, невработени лица над 58 години кои во последните две години се невработени

-И петта група, невработени лица кои се родители на три или повеќе деца и кои најмалку три месеци пред вработувањето немале заснован работен однос; самохрани родители и членови на еднородителско семејства кои најмалку три месеци пред вработувањето  немале заснован работен однос; приматели на социјална парична помош; деца без родители и родителска грижа; жртви на семејно насилство; инвалидно лице со утврдена инвалидност согласно Закон за вработување на инвалидни лица и лице со утврдена намалена работна способност или професионална неспособност за работа за 50% согласно прописите од пензиското и инвалидското осигурување; професионални војници на кои им престанал работниот однос согласно Законот за служба во Армијата на Република Македонија и родители на деца со пречки во развојот кои се корисници на посебен додаток најмалку три месеци пред вработувањето.

Во првиот циклус на проектот Македонија Вработува беа реализирани околу 19.000 вработувања во 10.140 компании од кои  4.154  лица до 29 години возраст, 7.648  лица до 35 години возраст, 2666  лица од 35 до 50 години возраст, 3400  лица  над 50 години возраст и 196  лица од ранливи категории и 845 лица над 58 години возраст.

Во периодот од првиот квартал лани до првиот квартал годинава невработеноста во државата беше намалена за 2,8% при што најголем придонес во овој пад на невработеноста имаше токму реализацијата на овој проект.