Преку проектот „Рурален доктор“ извршени 73.820 прегледи

Вкупно 73.820 прегледи се реализирани во периодот од март до ноември, годинава, во рамки на проектот Рурален доктор чија цел е да овозможи континуитет во обезбедувањето примарна здравствена заштита на жителите од руралните средини, информираше денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

– Од вкупно реализираните прегледи во овој период, во скопскиот регион има најголем број, 7.316 прегледи. Во кумановскиот регион се реализирани 4.837, а во тетовскиот вкупно 4.303 прегледи. Со имплементирањето на проектот Рурален доктор, медицинските тимови обезбедуваат примарна здравствена заштита за вкупно 359.283 лица во рамки на отворените 309 пунктови за 538 населени места каде граѓаните се посетуваат преку патронажа, истакна Тодоров изразувајќи задоволство од успешноста на проектот.

Тимовите на Рурален доктор обезбедуваат основни здравствени услуги, како мерење притисок, ниво на холестерол во крвта, гликемија и аплицирање ампуларна терапија. Министерот Тодоров потсети дека во изминатите неколку месеци воведени се новини во здравствените услуги кои ги обезбедуваат руралните доктори.

– Едната новина во однос на здравствените услуги што ги обезбедуваат руралните доктори, е што овие доктори можат да издаваат рецепти, односно да препишуваат терапија, акутна и хронична, која пациентот треба да ја подигне во рок од два дена. Според податоците од Мој термин, досега руралните лекари препишале вкупно 25.589 рецепти. Најголем број од препишаните рецепти се за хронична терапија, односно за висок крвен притисок, кардиомиопатија и срцева слабост, како и антибиотици. Најчесто препишуван лек е еналаприл, кој е дел од хроничната терапија за хипертензија. За оваа дијагноза се издадени 6.621 рецепт, истакна Тодоров.

Во контекст на тоа додаде дека од следната недела почнуваат со отворање на рурални аптеки во населени места до 3.500 жители, додека во населени места до 1.000 жители, граѓаните ќе може да ја подигнат потребната терапија од подвижна аптека.

Другата новина што е воведена е тоа што тимовите во кој било пункт, односно во кое било населено место ќе може да земат крв за лабораториска анализа, а резултатите од анализата ќе се испраќаат по електронска пошта или пациентот ќе ги зема резултатите на наредниот термин.

За жителите од руралните средини, рече Тодоро, набавени се 50 ЕКГ апарати, со што ќе се прошири опсегот на здравствени услуги кои ги обезбедуваат руралните доктори.

– Во текот на прегледите кои ги вршат руралните доктори, констатирани се чести примери на детектиран висок крвен притисок кој дотогаш не бил регулиран, или повисоко ниво на гликемија, што дотогаш не било контролирано. Тоа значи дека во таквите случаи луѓето не биле свесни за конкретната здравствена состојба, па по првичниот преглед, биле стручно посоветувани и им биле препорачани понатамошни прегледи и испитувања, рече Тодоров

Министерот информираше дека во рамките на проектот Рурален доктор, во текот на 2014 година, реализирани се 51 вработување, односно 27 доктори и 24 медицински сестри.