Прекугранично чистење на Лепенец

Граѓанската асоцијација „4х4х4 Балкански мостови“ од Македонија по повод Светскиот ден на водите организира акцијата за прекугранично чистење на коритото на реката Лепенец. Предвидено е денеска да се чистат локации во близина на македонско-косовскиот граничен премин Блаце од двете страни.

Во рамки на акцијата, на која ќе се приклучи и министерот за животна средина и просторно планирање на Македонија Нурхан Изаири, граѓански активисти ќе ја преминат границата и ќе остварат средби со косовските домаќини, меѓу кои се најавени градоначалниците на Урошевац, Качаник и Генерал Јанковиќ, како и претставници на косовското Министерство за животна средина и просторно планирање.

Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски, пак, ќе присуствува на акцијата за подводно чистење на езерото Матка.

Акцијата се изведува под покровителство на спелеонуркачкиот клуб „Врело“, како и други нуркачки клубови од Македонија.