Македонија

Премиера на „Бар-Ремарк“ на „Охридско лето“

Премиера на „Бар-Ремарк“ на „Охридско лето“

Народниот театар од Битола вечер во рамки на фестивалот „Охридско лето“ премиерно ќе ја изведе својата најнова претстава „Бар-Ремарк“, поставка на рускиот режисер Александар Баргман, работена според делото „Тројцата воени другари“ на Ерих Марија Ремарк.

Најавувајќи ја премиерата, директорот на Битолскиот театар Валентин Светозарев, кој е и сценограф на претставата, изрази задоволство што куќата продолжува да остварува конекција со многу познати режисерски имиња ширум светот.

Тоа е нешто што треба да се испроба. Едно е да се седи на маса и да се разговара за соработка, друго е да се направи претстава. За огромна среќа, последниве години се појавија неколку пријатели на нашиот театар кои ги поклопија своите уметнички резонанси со Битолскиот театар и направија поставки што ги одбележаа изминатите 10 години како претстави со исклучително висок уметнички квалитет, но и со нова поинаква естетика од она што дотогаш сме го работеле, рече Светозарев. Тој укажа огромен респект кон режисерот Баргман, кој има свој театар, кој активно работи десетина години, а соработува и членувал во најпознатите театарски куќи во Русија.

Самата претстава „Бар-Ремарк“ претставува драматуршка обработка на „Тројцата воени другари“, исклучително интересен театарски производ, најавуван како големо уметничко дело со, како што беше речено, швајцарски усогласени театарски сегменти.

Режисерот Баргман кој во Охрид има настапувано како актер во повеќе претстави на гостувања со руски театри, но и како режисер на претставата „Паника“, исто така изведувана на „Охридско лето“, за ова негово последно остварување рече дека е плод на исклучителна соработка со Народниот театар од Битола.

За тематскиот избор да се работи Ремарк, тој рече дека најмногу за тоа е виновна денешницата, која е таква што војните и кризите како никогаш да не завршуваат.

Ремарк во својот роман опишува судбини на слаби, изгубени луѓе, време на првата половина на 20. век во која се чини дека човекот е навистина изгубен. Тоа е време кога на светот му требаше толпа со која може да се владее. Но, и покрај пеколот околу себе, Ремарк преку своите ликови секогаш наоѓа сила повторно да се роди, да воскресне, повторно да превладеат чувствата. Понекогаш тоа успева, некогаш не, но самата желба да се пие животот заслужува восхит. Се чини дека и самата тема и погодува на Македонија која како постојано да се наоѓа во тревожна состојба, а и самите актери тоа одлично го разбираат, рече Баргман.

Што се однесува на процесот на разработка на претставата со актерите од Битолскиот театар, режисерот едноставно рече дека ја имаат страста во себе, желбата не само театарски да се пренесе улогата туку и да се чувствува.

Огнен Дранговски кој веќе соработувал со Баргман толкувајќи ја главната улога на „Иванов“ во истоимената претстава, повторно игра во доста комлицирана претстава што обработува, исто толку комплицирана тема.

Го толкувам Роберт Локам, ликот низ кој се претставува ова дело. Наијтересното во оваа претстава е индикацијата на режисерот да не го играм Роберт Локам туку Огнен Роберт Ремарк, неговото инсистирање да не излегуваме далеку од нас, да не правиме преголема дистанца од нас, но сепак да се споиме со ликовите кои ги играме. Претставата врви низ време во кое се менува сопствениот став и на самиот Ремарк и на ликот кој го играм, и мојот личен став, рече Дранговски.