Премиера на претставата „69“ во петок

Премиерата на претставата „69“ работена според четири едночинки на оскаровецот Алан Бол, ќе се случи на 20 декември (петок) во 20 часот во реновираното џебно кино во Младинскиот културен центар во Скопје. Делото е под капата на новиот независен македонски театар „Пи“ кој почнува да станува активен дел од домашната театарска сцена.

Ова е првпат во Македонија да се прави претстава според текстови на модерниот американски автор Алан Бол кој воедно е и сценарист на филмскиот хит „Американска убавина“ за кој доби „Оскар“ и „Златен глобус“, а работеше и на хит-сериите „Два метри под земја“ и „Вистинска крв“.

Режисер на „69“ е нашиот гостин од Бугарија и основач на алтернативниот театар МОМО, Веселин Димов. Главните улоги ги толкуваат професионалните актери Златко Митрески и Македонка Илиевска. Претставата е работена според четирите едночинки „Важен ручек“, „Газот на мајка ти“, „Зборот на Б“ и „Направено за жена“ на Алан Бол.