Премиерата на „Соларис“ пред бројна публика на Виенскиот фестивал

Најновиот сценски проект на Македонскиот народен театар „Соларис“ синоќа премиерно беше изведен на главната сцена во комплексот MuseumsQuartiers (MQ) во исполнета сала со места за 820 гледачи. Публиката со внимание ја проследи тричасовната претстава која е специфична во режисерскиот пристап на Андриј Жолдак, нова во дизајнот и технички сложена. „Соларис“ е една од петте премиери на годинашниот фестивал „Виенер фествохен“ кој е и копродуцент со МНТ во овој проект.

На премиерата, по која следуваат две репризи вечерва и утревечер, присуствуваше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, која рече дека е возбудена зашто е направена претстава на највисоко можно естетско и уметничко ниво.

– Режисерот понудил една поинаква и поспецифична театарска естетика. Уметничките вредности на нашите актери беа на многу високо ниво, претставувајќи ги и нивните карактерни особини и сето она што го понесоа на ликовите во претставата. Сакам да им се заблагодарам на сите актери, горда сум на сите нив, навистина имаме една европска и светска претстава со која можеме да одиме насекаде низ светот, изјави Канческа-Милевска по премиерата на „Соларис“.

Соларис внатре

Носечкиот лик во претставата Крис Келвин го играше актерот Дејан Лилиќ. По напорните 40-ина дена работа рече дека е најтешко да се каже за впечатоците по премиерата.

– Имавме супер аплауз, мислам дека публиката беше задоволна, исто и ние како екипа сме задоволни. Имаме уште две претстави тука, што значи не чека уште работа, не е готово. Импресивно беше се што се случуваше тука, ние бевме подготвени, навистина многу работевме во Скопје. Имаме совршена поддршка и од МНТ и од директорот Пројковски и Министерството за култура. Се беше навреме донесено и во однос на сценографија и во однос на костими, реквизити. Така што ни беше олеснета работата, која всушност беше многу напорна – се работеше од 12 до 15 часа дневно, но резултатот е дека имаме светска претстава, рече Лилиќ.

И актерот Славиша Кајевски, кој го игра таткото на Крис, изјави дека имале тежок процес на подготовка на „Соларис“.

– Со Жолдак, кого го знам од пред десетина години, никогаш не е лесно да се работи. Но на крајот, кога се финализира делото, се се заборава. Задоволен сум од продуктот и голема благодарност за колегите и целата екипа што заедно издржавме, бидејќи ова што го сработивме воопшто не е мала работа, рече Кајевски.

Директорот на МНТ Дејан Пројковски изјави дека вечерта била гордост да се биде во Виена, да се претставува македонската култура и Република Македонија.

– Тоа што долго го најавувавме вечерва се случи – „Соларис“ на најдобриот фестивал за оваа година – „Виенер фествохен“. Гледајќи ја претставата и Дејан Лилиќ како ја води цела млада актерска екипа, мислам дека „Соларис“ на фестивалите ќе може да има и втор работен наслов –  made in Macedonia, изјави Пројковски.

Селекторката Марина Давидова, која на проба во Скопје оцени дека „Соларис“ ќе биде најдобра претстава на годинашниот Виенски фестивал, иако тој нема официјален натпревар, рече дека самата е веќе влезена во приказната и инволвирана во неа што не може да суди однадвор, но се надева дека критиката ќе го препознае квалитот на овој проект  осебено неговите визуелни елементи.

На премиерата присуствуваше и амбасадорка на Македонија во Виена Василка Попоска-Треневска која изјави дека е голема чест што Македонија има можност со премиера да учествува на овој  реномиран фестивал.

Соларис надвор

„Соларис“ е втора соработка на украинскиот режисер Андриј Жолдак со МНТ по премиерата на „Електра“ во 2014 година. Овојпат тој го постави на сцена истоимениот филозофски и научнофантастичен роман на Станислав Лем. Сценскиот „Соларис“ на Жолдак беше најавен како фасцинантна и опасна одисеја низ сеќавањата и искрените копнежи, еден вид повратен лет – патување од далечна ѕвезда во најдлабокото себе, во свет кој е помистериозен и од огромниот универзум.

Скопската публика ќе го види „Соларис“ во септември. Во актерската екипа се: Дејан Лилиќ, Дарја Ризова, Александар Ѓорѓиоски, Славиша Кајевски, Драгана Левенска, Александар Михајловски, Софиа Наевска-Трифуновска и Арна Шијак, како и две деца – Калина Трипкова и Дарио Ефтимовски.  Андриј Жолдак е автор и на сценографијата, заедно со Моника Пормале од Летонија, костимограф е Даниел Жолдак, а музиката е на Владимир Кликов. Асистент на режија е Никола Кимовски.

Виенскиот фестивал со 65 години традиција секоја година има по околу 180.000 посетители. Годинава фестивалот беше отворен на 13 мај и ќе трае до 19 јуни.