Премиерите на Србија и Косово на средба во Брисел

За помалку од седум дена, денеска во Брисел ќе се одржи втора средба на премиерите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Иса Мустафа, на која ќе продолжи дијалогот по нерешените клучни прашања, објавија белградските медиуми.

Вучиќ вчера во Белград изјави дека претстојните преговори нема да бидат ниту лесни, ниту едноставни, но дека ќе замине за Брисел со верба и надеж за постигнување договор, пренесува МИА.

Како што јави „Данас“, Вучиќ нагласи дека за Србија од суштинско значење е постигнување договор за формирањето на Заедницата на српските општини во Косово, како и за телекомуникациите, енергетиката и „Паркот на мирот“ во Косовска Митровица.

Американскиот амбасадор во Белград, Мајкл Кирби, пак, во интервју за Танјуг нагласи дека ако на денешниот дијалог меѓу Белград и Приштина биде постигнат напредок, Европската комисија би можела да предложи отпочнување разговори по нова глава од преговорите за членство на Србија во ЕУ.