Премиерот договори специјализација на докторите и во Прага

Премиерот Никола Груевски денеска во Прага го посети Универзитетскиот клинички центар Мотов, кој е главен медицински центар во Чешката Република.

На средбата со директорот Мартин Холцман, кој е и поранешен министер за здравство на Чешка, јави известувачот на МИА, беше договорено следниот период да се воспостави соработка помеѓу овој Центар и македонските јавни здравствени установи.

bolnica-1

За таа цел беше потпишан и Меморандум за соработка, според кој е дефинирано во следниот период претставници на двете страни ќе ги прецизираат конкретните медицински области на соработка, како и динамиката и временските интервали во кои македонски доктори ќе престојуваат во клиниката Мотов и ќе стекнуваат знаења и вештини за напредните медицински методи и техники кои се употребуваат во овој Центар, како и периодите во кои чешките лекари ќе престојуваат во нашата земја и ќе го пренесуваат своето знаење на македонските колеги.

bolnica-2

Премиерот Груевски рече дека од разговорот што го имале е увидено дека тие се најдалеку отидени во делот на третманот на детските болести.

– Наскоро по потпишувањето на овој меморандум, Министерството за здравство ќе влезе во детали, во разработка на договорот. Очекуваме тоа да се заврши за месец-два, по што ќе почне селектирање на лекари, сестри и друг медицински персонал кои би доаѓале во Прага, во Универзитетскиот клинички центар, точно на оние клиники каде што се најнапред отидени во однос на другите европски клиники, истака Груевски.

bolnica-3

Директорот Холцман истакна дека воспоставената соработка ќе биде од интерес за двете земји.

– Многу сме заинтересирани за соработката, бидејќи тоа е можност како да се прошири и нашата работа. Сметаме дека можеме да ви пренесеме наши искуства, но убедени дека сме дека и ние ќе добиеме ваши искуства кои ќе ни бидат од корист. Се договоривме да дојде до размена на лекарски тимови и на помошен медицински персонал, за што зборува и Меморандумот што денеска го потпишавме, рече Холцман.

Универзитетската клиника Мотов има над 1.100 доктори и над 2.000 помошен медицински персонал, а особено се истакнува во сферата на педијатријата и медицинската заштита на децата, области во кои медицинските лица од оваа болница применуваат најнапредни и најсовремени методи на дијагностика и лекување на пациентите. Мотов е една од најконкурентните болници во европски рамки во оваа област.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.